fbpx

Ристо Лазаров: Со „Танјуг“ излезе обратно од онаа „крајот го краси делото“

-

На веста за згаснувањето на новинската агенција „Танјуг“, интервјуто со нејзиниот последен директор – како југословенска – колегата Ристо Лазаров (поет, преведувач, критичар, есеист, но и цел живот новинар), го правиме на роденденот на агенцијата – 5 ноември.

  • Како долгогодешен новинар, уште и поранешен директор на „Танјуг“, како ја примивте веста за згаснувањето на новинската агенција?

– Искрено, тешко, макар што не беше толку неочекувана. Не е мала работа и тоа што „Танјуг“ ја надживеа државата во која се роди. Времињата се сменија, зафучи кошавата на приватизацијата, но со поголем напор, сетики, можеше да се најде начин преостанатите вработени да ја откупат агенцијата…

  • „Танјуг“ беше поврзана со раѓањето на поранешната заедничка држава, Титова Југославија. Вие, практично, бевте последниот директор на агенцијата, онаква каква што ја знаевме, како југословенска. Може ли да се рече дека згаснувањето на „Танјуг“, практично, почна со распаѓањето на заедничката југословенска заедница?

–  Апсолутно, остана само името. „Танјуг“ остана без корисници во другите медиуми на поранешна Југославија, освен во Србија, се одржуваше колку што можеше, а веројатно може одново да почне од почеток, како приватна агенција. Во светот има сè помалку и помалку државни новински агенции.

  • Оние што ги познаваат состојбите во агенцијата однатре, склони се да тврдат дека токму Вие, Ристо Лазаров, го одложувавте нејзиниот крај – и како професионален новинар, но и како Македонец. Како денес ги доживувате тие денови, кога во „Танјуг“ продираше српскиот национализам, заедно со деспотската логика на Слободан Милошевиќ?

– Потешки времиња сум немал во животот. Тие, последни години на југословенскиот „Танјуг“, беа навистина пеколни. Милошевиќ беше запнал по секоја цена да ја стави агенцијата под своја контрола, но внатре имаше силен отпор и „Танјуг“, практично, се распадна на два дела: оние кои беа на страната на слободата на изразот и на професионализмот ја формираа агенцијата „Бета“, еден помал дел агенцијата „Фонет“, а другите останаа во зградата на Обилиќев венац.

  • Зад Вас стои една професионална вертикала, од известувач почетник до главен и одговорен уредник на „Млад борец“, расадникот на македонското новинарство и на професионалните новинари, до прв човек на „Танјуг“, во тоа време најзначајната новинска куќа. Како се случи изборот, во тие пресудни рани деведесетти години на минатиот век?

– Кога гледам од дистанца, ќе да е – за да се оневозможи Милошевиќ да завладее со „Танјуг“, бидејќи тој имаше друг кандидат.

  1. Однадвор гледано, годините минати во „Танјуг“, токму во тоа време – невреме, не изгледаат баш како привелегија. Напротив. Сепак, во Вашата книга „Врежанки – белградски“, како да се врежани и добри спомени?

– Со „Танјуг“ излезе обратно од онаа „крајот го краси делото“. Но, сега, кога згаснува, чесно е да се каже дека „Танјуг“, веројатно, беше најугледната југословенска институција во странство, котираше многу високо во светското агенциско новинарство, беше медиум на кој му се верува, беше и ненадмината школа на новинарството. Пелинот не е причина да се заборават убавите мигови во друштво со танјуговите врвни професионалци. Со еден круг од тие луѓе, расфрлани низ светот, и сега одржувам редовни контакти.

  • Како новинар сте сведок на еден долг период, од времето кога се случуваше само она што „Танјуг јавља“, кога „Танјуг“ беше рангирана мегу првите пет светски агенции, до денешното, повторно време – невреме, во новинарството, кое е, со чест на исклучоците, непрофесионалчно, навивачко, политички пристрасно.

– Какви времиња – такво новинарство. „Танјуг“ беше првиот југословенски медиум во кој се укина организацијата на СК. Професионализмот беше основно „вјерују“ во работата. Сега дојде време на газди на медиумите што не почитуваат никакви професионални начела, кои сакаат коњот да се врзе таму каде што ќе речат тие… Не идеализирајќи ја поранешната практика, не може, а да не се каже дека на нашево денешно новинарство му треба интензивна нега и враќање на професионализмот – колку побргу, толку подобро.

Новинската агенција „Танјуг“ е основана во 1943 година во Јајце, нејзин основач беше Моша Пијаде, а прв директор Владислав Рибникар. Биста на Пијаде и денес стои во аулата на зградата. Официјално престана да постои на 31 октомври, кога е избришана од регистарот на Агенцијата за стопански регистри во Република Србија.

По распадот на СФРЈ, од 1992 година „Танјуг“ беше новинска агенција на Сојузна Република Југославија, од 2003 година новинска агенција на Државната заедница Србија и Црна Гора, а од 2006 година – национална новинска агенција на Република Србија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...