fbpx

Резултати за државно ин витро се чекаат и по 13 месеци!

-

Жените кои прават вештачко оплодување, кое е покриено од Фондот за здравствено осигурување, се жалат дека поминуваат низ многу тешкотии додека ги набават потребните документи. Тие велат дека некогаш им се потребни и месеци за да направат некое испитување.

– Јас осум години се борам да станам родител. Додека за да се направи ин витро на своја сметка процесот е само прашање за тоа кога, дали и каде,  за да се направи вештачко оподување преку Фондот во земјата е проблем. Не постои ниту едно од потребните испитувања како и нивните безброј повторувања, а да помине без денот да не ви се искомлицира. Тоа  може да трае и до една година како што ми се случи на Имунобиологија и хумана генетика, каде за резултати чекав 13 месеци затоа што немале реагенси, а прво што направија е тоа што ни наплатија веднаш 9.000 денари – вели пациентка од Скопје, која поднела претставка и до Министерството за здравство, но сè уште нема одговор.

Таа вели дека за да се соберат документи, потребни се минимум два месеца. Досега има направено два, за постапката задолжителни хируршки зафати, десетици разни прегледи, четири инсеминации и две инвитро-оплодувања.

– Само за илустрација ќе ви кажам дека и кога ќе добијам упат, на Клиниката нема реагенси. По неколку дена, повторно, со нов упат, трчам на клиниката за која приватно ќе откријам дека има реагенси. Сето тоа изморува и исцрпува затоа што и мојот сопруг, пак, има обврска да прави испитувања и мора да оди и тој кај матичниот лекар, па да трча по клиники каде што има реагенси. Значи мора да чекате кај матичен лекар, минимум два часа, па да трчате на клиника, па таму да изгубите цел ден и така со месеци, само за неколку документи – вели таа.

И кога ќе се успее да се извадат сите документи, мора на секој од нив Фондот да стави печат. Сузана објаснува дека со сопругот по цели денови трчаат по различни клиники и бараат конечно да се реши оваа процедура на поинаков начин.

– Најдобар начин да се реши оваа ситуација е едношалтерски систем. Да има еден лекар кој ќе ги направи или ќе ги испрати сите испитувања каде што треба. Реагирам затоа што ова е болно и тешко прашање за мене. Уморна сум од трчање на разни места затоа што само сакам да станам родител – вели таа.

Од 2008 година Владата на Македонија овозможи бесплатно ин витро за прво дете, а од 2014 година тоа е овозможено и за второ дете.

Oд Министерството за здравство и по пет дена чекање не добивме одговор не прашањето за тоа дали се можни измени на постапката за да се заштеди време при собирањето документи за ин витро.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...