„Репортери без граници“: Омразата кон новинарството е закана за демократијата


       
Париз, 25 април, 2018 - 10:20 (META) 

Македонија, според Индексот на слобода на медиумите во светот за 2018 година на „Репортери без граници“ се наоѓа на 109. место, што е скок за две позиции од минатата година, кога била на 111. место.

Според извештајот насловен „Омразата кон новинарството е закана за демократијата“, во светот расте анимозитетот кон новинарите и непријателското расположение кон медиумите, поттикнато од политичките водачи и стремежите на авторитарните режими да го наметнат својот став за новинарството.

„Климата на омраза станува повидлива во Индексот, кој го одредува нивото на медиумските слободи во 180 земји во светот. Непријателскиот став на политичките водачи кон медиумите повеќе не е ограничен само на авторитарните земји, како Турција (која паднала за две места и е на 157 место) и Египет (на 161), каде „медијафобијата“ е толку присутна што новинарите рутински се обвинуваат за тероризам и сите тие што не покажуваат лојалност, се туркаат во затвор без процедура“, велат од „Репортери без граници“.

Во краткиот опис, за Македонија се вели дека систематските напади на медиумските слободи биле трајна одлика на деценијата на владеење на Никола Груевски и на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Груевски воспостави ниво на контрола над медиумите каква што немаше на друго место на Балканот, а многу водечки опозициски медиуми престанаа да функционираат. Во моментот јавниот радиодифузер уште му служи на ВМРО. Падот на „режимот“ на Груевски доведе до благо намалување на владината контрола врз медиумите, но се уште е прерано да се има сигурноста дека владата сака да создаде трајно подобрување на ситуацијата. Немаше значителна промена на економската ситуација на новинарите во Македонија, коишто обично се многу слабо платени и немаат гаранции за работното место“, се вели во извештајот на „Репортери без граници“.

Токму во Европа, каде што слободата на медиумите е најгарантирана, се случило најголемото влошување на регионалниот индикатор во однос на претходната година. Четири од земјите што за една година забележале најголем пад се од Европа. Малта паднала за 18 позиции на 65. место, Чешка, паднала за 11 позиции на 34. место, Србија со пад од 10 места и сега е на 76-то место, како и Словачка со пад од 10 позиции, на 27-то место.

„Бавната ерозија на европскиот модел продолжува“, се вели во извештајот.

Од балканските земји, најдобро позициониран е Кипар на 25. место, Словенија е на 32-то, Хрватска на 69-то, Романија е на 44-то, Грција на 74-то, по неа се Албанија (75), Србија (76), Северен Кипар (77) и Косово (78), додека Бугарија е на 111. место, а Турција на 157 позиција.

Мапата на светот дадена во Индексот е дополнително поцрнета, затоа што ситуацијата во 21 земја е дефинирана како „многу сериозна“, што претставува нов рекорд.

Под администрацијата на Доналд Трамп, САД падна за две позиции и се рангира на 45. место. Трамп смета дека новинарите се „непријатели на народот“, квалификација која му се припишува на Сталин, истакнува „Репортери без граници“.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.