Штипската полиција заплени рекордни 77 килограми марихуана


       
Штип, 5 ноември, 2018 - 16:32 (META) 

Штипската полиција го сопрела велосипедистот Б .С (40) кај селото Стар Караорман и утврдила дека на велосипедот возел набрани стебла со марихуана со тежина од три килограми. Подоцна, при претрес на неговиот стан исто така било откриено големо количество на марихуана.

Опојното растение во различни големини, обработено и необработено, го имало секаде во сите делови од станот – на под, во вреќи, спакувано и обработени количини во кеси, подготвени за продажба на улица. По собирањето на сите количини, утврдено е дека во станот има 74 килограми марихуана. Пронајдена е и опрема за ситнење.

-При претрес на станот, пронајдени се повеќе најлонски вреќи со марихуанаа во вкупна тежина од околу 74 килограми и други предмети кои се фото и видео документирани и подигнати за вештачење. Четириесетгодишниот Б.С.  е лишен од слобода и против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“- соопшти Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

На Б.С. му е одреден 30-дневен притвор, но за истрагата остануваат повеќе дилеми. Пред се, се трага по местото од каде потекнува дрогата. Реонот од каде се движел со велосипедот е простор каде порано се одгледуваше ориз, непосредно до реката Брегалница. Количината на пронајдената марихуана е историски најголемата што штипската полицијата ја има најдено неколку децении наназад.

Од Основното јавно обвинителство, каде отворија истрага,  потврдија дека марихуаната е дадена на вештачење во Министерството за внатрешни работи, со цел да се утврди квалитетот и за кој вид на марихуана се работи. Засега од истрагата потврдуваат дека Б.С. ја набавил дрогата, но останува да се открие кој ја засадил. Интересно е дека неодамна бил направен претрес на сега притворениот осомничен дилер, но не било пронајдено ништо. Инаку, Б.С. веќе има одлежано казна затвор за истото дело.