Рекорден број новинари во затвор, предничи Турција


       
Париз, 13 декември, 2016 - 19:46 (META) 

Бројот на новинари кои се затворени, кои се држат како заложници или кои се водат како исчезнати е во драматичен пораст, покажуваат извештаите на Комитетот за заштита на новинарите (ЦПЈ) и на „Репортери без граници“.

Според податоците на ЦПЈ, низ светот во затвор има 259 новинари. Во тоа води Турција, која зад решетки држи 81 новинар кои се соочуваат со обвиненија за антидржавни активности.

Податоците на „Репортери без граници“, пак, велат дека вкупно 348 новинари во моментов се наоѓаат во затвор, што е за шест отсто повеќе отколку минатата година. Бројот на професионални новинари кои се затворени во Труција се зголемил за 22 отсто.

Повеќе од стотина турски новинари се изведени пред суд под обвинение за „навредување на претседателот“ или „тероризам“. Некои од нив се осудени без никакви обвиненија.

– Прогонот на новинари во светот бележи шокантна стапка на пораст. Во Европа, во лов на вештерки, повеќе од десетина новинари се затворени, а Турција стана најголем светски затвор за новинари и за медиумската професија. Во рок од една година, режимот на Ердоган во целост го уништи целокупниот медиумски плурализам, додека Европската Унија не кажа буквално ни збор – вели директорот на „Репортери без граници“, Кристоф Делор.

Овој попис се однесува само на новинарите кои се во државни затвори и не ги вклучува оние новинари кои се исчезнати или се држат во притвор од некои антидржавни групи.

„Репортери без граници“ наведуваа дека 52 новинари во моментов се држат како заложници. Сирија и Ирак се меѓу најопасните земји, во кои Исламска држава држи 21 новинар како заложник.