Реконструкцијата на градскиот стадион во Прилеп ќе почне одново


       
Прилеп, 13 септември, 2018 - 15:09 (META) 

Иако претходната локална власт одвоила 28 милиони денари (455.000 евра) пред две години и дури потпишала договор со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за реконструкцијата на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, стадионот е запуштен, за покривната конструкција не е изработена статика, а најголемиот дел од работите се многу далеку од конечна реализација, иако роковите се истечени. Се прави нов проект, а ќе се распише и нов тендер.

Веќе е формирана нова општинска комисија која што треба да ги доутврди пропустите во проектот, а одговорност ќе мора да се понесе, рече прилепскиот градоначалник Илија Јованоски презентирајќи ги денеска на прес-конференција проблемите во реконструкцијата.

– Прво, градежната фирма „Нискоградба“ којашто требаше изградбата стоотстотно да ја заврши во февруари, и со пролонгираниот рок, не ги финишира градежните работи ниту 7-8 отсто. Челичната покривна конструкција на северната трибина нема статика, така што постои опасност да падне покривот и целата трибина, што би можело да предизвика катастрофални последици. За изградба на рефлекторите за стадионот со височина од 40 метри и тежина од преку 10 тони, било издадено решение за канделабри, наместо дозвола за градба согласно со закон. А, агрегатот за рефлекторите со стариот проект бил сместен во една соблекувална. Со една реченица, проектот за градски стадион што го изработила претходната власт е противзаконски и штетен – истакна Јованоски на денешната прес конференција.

Фудбалскиот клуб „Победа“ и граѓаните на Прилеп воопшто, се без градски стадион повеќе од две години. Стадионот е запуштен, трибините не се градат, нема никакви услови за да се одржи каков било натпревар.

Прилепскиот градоначалник најави нов проект за реконструкцијата на стадионот и нов тендер.
– Институтот за земјотресно инженерство ИЗИИС, треба да изработи нова статика за покривната челична конструкција на северната трибина, а Општината ќе распише нов тендер за изградба, откако ќе заврши изработката на новиот проект согласно со законските регулативи и прописи. Но, виновниците за сето ова треба да понесат одговорност – рече Јованоски.

Иако во минатото во неделите реки народ се слеваа кон градскиот стадион и дури се вршеше и пренасочување на сообраќајот, веќе една деценија улицата на која се наоѓа градскиот стадион во недела е речиси пуста, а стадионот со години се распаѓа.