РЕК Битола и Осломеј загадуваат шест пати над дозволеното, покажува извештајот на CEE Bankwatch Network

Фото: Еко свест

Електраните што користат јаглен сè уште загадуваат со огромни количини прашина и сулфур диоксид, а РЕК Битола и Осломеј и понатаму се меѓу најголемите загадувачи во регионот, но и во Европа, покажува новиот извештај на CEE Bankwatch Network.

Вкупните емисии на сулфур диоксид од Осломеј и Битола минатата година, кога поради недостатокот на гориво и дефектите, вкупните работни часови на електраните беа намалени, се околу 83.000 тони што е речиси шест пати над дозволеното. Емисиите на прашина (ПМ честички), пак се околу 3.000 тони што е скоро двојно над дозволеното.

Истовремено, нема никакви најави за инвестиции во контрола на загадувањето, но има најави за отворање нови рудници за јаглен и продолжување на нелегалното и штетното работење и во следните години.

Ваквата ситуација, посочуваат од еколочката организација „Еко свест“, се повторува со години, a под изговор на енергетската криза се прават планови за продолжување на работата на електраните наместо нивно затворање, па дури и отворање на нови рудници за јаглен и реактивирање на ТЕЦ Неготино каде се користи високо-загадувачки мазут како гориво.

„Проблемот со нерешавањето на загадувањето од електраните не може да се игнорира, особено во ситуација кога се планира да се продолжи нивното работење. Пораката од извештајот е многу јасна – тие мора или да се затворат или да се усогласат со европските стандарди. Во спротивно нивната работа чини премногу животи и предизвикува преголема штета“, вели Давор Пехчевски од CEE Bankwatch Network, ко-автор на извештајот.

Според Кристина Димитрова од „Еко-свест“, решението на енергетската криза не е отворање нови рудници за јаглен како што тоа се планира за РЕК Битола.

„Мора да се подготви и итно да се спроведе „план Б“ што ќе ги намали загубите во мрeжата, ќе ги отвори пазарите за трговија со енергија и значително ќе ги зголеми капацитетите од обновлива енергија. Секако, при ова мора да се примени принципот на праведна транзиција што ќе обезбеди рамномерен развој на економијата“, смета Димитрова.

Четврта година по ред CEE Bankwatch Network објавува извештај и анализа за емисиите на загадувачки супстанции од термоелектраните од Западен Балкан што користат јаглен. Како и во претходните едиции и оваа година македонските електрани, а пред се  РЕК Битола, се меѓу најголемите загадувачи во регионот, но  и во Европа. Новите обрзувачки стандарди од Енергетската заедница за контрола на емисиите влегоа во сила во јануари 2018 година, а националната обврска за еколошка дозвола постои цели десет години предходно. Но и покрај долгиот поминат период, РЕК Битола и РЕК Осломеј се уште работат нелегално и без никакви инвестиции во контрола на загадувањето.