fbpx

Референдумот не успеа, но Жерновски нема да го даде ГТЦ

-

Пропадна референдумот во општина Центар за изгледот на Градски трговски центар. Според податоците на градоначалникот Андреј Жерновски, околу 40 отсто од 43.560 запишани гласачи го искористиле своето право на глас, што е за 10 отсто помалку од неопходниот цензус за успешност на рефердендумот.

Жерновски вечерва на прес-конференција им се заблагодари на центарци кои излегле на референдумот и гласале за спас на ГТЦ и додаде дека борбата продолжува бидејќи ова е најголемата победа на општината.

Градоначалникот рече дека во текот на денот повторно имало притисоци врз граѓаните, но оти 95 отсто од тие што гласале се изјасниле против барокното решение за ГТЦ.

– Повеќе од 95 проценти од оние што излегоа на референдумот гласаа за зачувување на автентичноста на ГТЦ. Тоа значи дека ниту една власт не смее да го чепне ГТЦ – рече Жерновски, додавајќи дека ова е прв чекор кон враќање на власта во рацете на гласачите.

Граѓанската асоцијација „Мост“ потврди дека до 19 часот 40,48 отсто од запишаните гласачи го дале својот глас, од кои 16.807 или 96,28 отсто гласале „за“, а 649 или 3,72 проценти гласале „против“ референдумското прашање.

Од „Мост“ наведуваат неколку неправилности при гласањето, како и одредени притисоци врз граѓаните да не излезат да гласаат.

„Иако јавно не се водеше кампања за бојкот на референдумот, имајќи ја предвид важноста на одѕивот на гласачите за успешноста на референдумот, имаше дојави дека се вршат притисоци врз гласачите да не излегуваат на гласање, а констатирано беше и уништување на пропагандниот материјал“, стои во соопштението на „Мост“, во кое се наведува дека кон крајот на денот се забележани лица кои вршеле евидентирање на гласачите.

Граѓанската асоцијација истовремено вели дека проблемите со изборачкиот список фрлаат сенка врз регуларноста на референдумот.

„Фактот што избирачкиот список сè уште не е проверен и прочистен, како и податокот дека во општина Центар постојат адреси на кои се регистрирани по неколку десетици избирачи, може да остави простор за одредено ниво на сомнеж во резултатите за одѕивот на граѓаните“, се наведува во соопштението.

Социјалните мрежи се полни со пораки на разочараност од неуспехот на референдумот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...