fbpx

Реџепи: Северната траса на гасоводот би уништила многу повеќе зеленило

-

Македонски енергетски ресурси (МЕР) е државна компанија која стои зад изградбата на гасоводот од Скопје кон Тетово и Гостивар, што поминува преку заштитеното подрачје на парк-шумата Водно. Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ го артикулираше граѓанското незадоволство од уште еден проект што ќе значи натамошна деградација на ионака сериозно уништеното зеленило и живиот свет на „белите дробови на Скопје“, а застанаа и пред багерите кои пред еден месец почнаа со копање за гасоводот на сртот на Водно. Власта реагираше со времено запирање на механизацијата и со преговори со екологистите, но не отстапува од проектот. За овие прашања, разговаравме со директорот на МЕР, Бајрам Реџепи.

Кога ќе продолжите со градежните работи на гасоводната делница преку Водно? Што доколку има физичка блокада од еко-активистите?

– Според студијата за влијанието врз животната средина, сечењето на дрвата не е препорачливо да биде во период од 1 март до 1 октомври, и ние ги запазуваме сите тие мерки предвидени во таа студија. Што се однесува до физичките блокади, ние се обидуваме да ги убедиме активистите на сите состаноци и јавни дебати, што ќе значи за државата ако проектот престане да се реализира во оваа фаза и очекувам дека тоа ќе биде сфатено рационално.

Најавивте стеснување на трасата на 10 метри широчина. Како тоа ќе влијае на безбедноста на гасоводот, кога таа е стандардно е широка не помалку од 25 метри токму од безбедносни причини. Што во случај на пожар? Како ќе се интервенира на таков терен?

– Стеснувањето е само на работниот појас и нема да има никакво влијание за безбедноста на гасоводот. Пристап ќе има до целата траса и тоа е дефинирано по основен проект и со стандарди за градење на преносен систем на гас.

Му ги плативте веќе исечените дрва на град Скопје. Колку ве чинеа исечените дрва на Водно? Колку дрва ќе исече МЕР вкупно на трасата 5, ќе се надоместат ли и на кој начин?

– Досега на Водно немало сечење на дрва. Тоа ќе биде според препораките на студијата за влијанието врз животната средина. Ние на Водно ќе сечеме помалку од 2 хектари шума, или околу 1.400 метри кубни дрва. Тоа ќе биде надоместено неколкукратно со програмата за рекултивација која ќе го изготви Град Скопје во соработка со стручни лица. На пет метри од оската на гасоводот нема да може да се сади високостеблеста шума, но тоа не значи дека покрај оска нема да може да се садат нискостеблесни растенија  како што се шумски капини и друго шумско овошје, кои ќе може да ги користат планинарите што ќе ја користат таа патека за пешачење.

Зошто воопшто е избрана трасата на гасоводот да поминува преку Водно, кога најприродно, според географската поставеност, ќе беше таа да оди од Арачиново, кон Тетово покрај обиколницата, достапно, по рамно и со малку вегетација и градби? Знам дека одлуката е донесена пред вие да застанете на чело на МЕР, но би требало да сте информиран – дали е вистина дека одлуката паднала заради изградбата на Сончев град и планираната урбанизација на Водно?

– Нема такви индикации дека поради Сончев град била избрана трасата да оди низ Водно. А дали низ северната страна на Скопје би била подобра варијанта, тоа во оваа фаза на реализација на проектот е нерационално да се дискутира, заради причините што неколку пати ги повторуваме. Пред се, интервенциите врз зеленилото на таа траса би имале далеку поголемо влијание врз амбиенталниот воздух во Скопје. Исто така, досегашната инвестиција од околу 10 милиони евра ќе пропадне целосно и ќе има дополнителни трошоци од 10 милиони евра, и секако ќе треба проектот да се одложи во најдобар случај за пет години. Треба да земете предвид и дека во тој период ќе биде сечено такво количество на дрво за огрев или повеќе и тоа дневно, за потребите на домаќинствата во Скопје, Тетово и Гостивар.

Беше изнесен аргументот дека на тој потег гасоводната траса ќе се вкрстела со главниот довод на вода од Рашче за Скопје. Дали е вистина дека гасоводот сепак ќе го сече водоводот од Рашче со кракот кој ќе оди кон Косово?

– Тоа е целосна шпекулација. За интерконективниот вод за Косово не постои ниту физибилити студија, ни идеен проект, ниту е дефинирана траса кај треба даде помине.

Постојано се тврди дека застојот поради протестите на екологистите ја одложува гасификацијата, но знаеме дека таа не зависи само од Водно. Кој ќе ја гради секундарната гасоводна мрежа, кој ќе стопанисува со неа? Ќе им соопштите ли на граѓаните колку ќе ги чини да се приклучат на гасоводната мрежа, со инсталирање на сите потребни апарати, бојлери, цевки и слично?

– А.Д. МЕР е оператор за пренос. Со новиот Закон за енергетика јасно се дефинирани дејностите. Но, Владата има формирано работна група, која интензивно работи на изнаоѓање модел за изградба на дистрибутивните мрежи низ градовите и со задоволство можам да ве информирам дека во скоро време ќе се обезбедат и средства и модел за изградба.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...