Размената со Русија падна за 13 проценти, причините не се политички туку економски


       
Скопје, 6 септември, 2018 - 15:11 (META) 

Трговската размена помеѓу Македонија и Руската Федерација бележи опаѓање од 12,7 отсто, што е помалку за 9,3 милиони долари во однос на истиот период од минатата година, беше истакнато на трибината на Македонско-руската стопанска комора и еднодновната обука на тема „Особености на рускиот пазар и стратегија на успех (потенцијал, можности, реализација)“.

Исто така, загрижувачки е што македонскиот извоз е намален за речиси четвртина во споредба со истиот период лани (24,36 проценти).

– Овој преоден шестмесечен намален обем на трговска размена со Руската Федерација воопшто не се должи на некои политички причини или притисоци, имајќи ја предвид чувствителната фаза на меѓусебните односи на двете земји. Единствено се работи за економски причини, македонските извозници се подложни на огромно зголемена конкуренција на рускиот пазар од производители од другите земји. Претстои макотрпно прилагодување за да се издржи и задржи позицијата кај руските трговци – увозници. На пример, добар дел од намалениот македонски извоз во овој период се должи на драстично намалениот пласман на македонската рана зелка, бидејќи рускиот пазар беше преплавен со овој зеленчук од Иран и други земји со далеку пониски цени – рече Ѓорѓи Дика, претседател на Македонско-руската стопанска комора.

Препорака е бизнисмените да настапуваат со разработена маркетинг стратегија на овој по големина петти пазар во светот.

– Во Москва се присутни производите од Македонија и проценуваме дека имаат голема шанса за пласман на рускиот пазар. Но, мора да има баланс меѓу цената и квалитетот на производите и на тоа посебно треба да се посвети внимание – истакна Виктор Алексеев, експерт за продажба во „Македонски дом“.