Растат тензиите околу Иловица: Екологистите со ултиматум, Владата повикува на дијалог


       
Струмица, 9 октомври, 2018 - 16:25 (META) 

Целта на Владата, но и на сите засегнати страни е да се отстранат ризиците и стравовите поврзани со животната средина и здравјето на граѓаните. Потенцираме дека Владата на Република Македонија и натаму ќе се води и ќе работи врз основа на принципот владеење на правото и дека сите политики на Владата се во насока, пред се, на заштита на здравјето на граѓаните. Ова е ставот на Владата во врска со отвореното писмо што и го упатија вчера струмичките екологисти собрани околу иницијативата за забрана за отворање на рудникот за бакар и злато Иловица.

Писмото содржи ултиматум според кој, доколку Владата до својата наредна седница, закажана за 16 октомври не донесе одлука за одземање на лиценцата за работа на рудникот на концесионерот „Еуромакс Рисорсис“, тие ќе го повикаат народот сам да се заштити и сам да го реши проблемот.

„Повеќе не прифаќаме никакви одложувања или оправдувања“, истакнуваат во своето обраќање до јавноста и до Владата на премиерот Заев организациите „Здрава котлина“, „Еко долина“ и „Спас за Струмичка котлина – стоп за рудникот на смртта“.

Повикувајќи повторно на дијалог, од Владата потенцираат дека само преку искрен и отворен разговор на сите засегнати страни „ќе може да се стигне до решенија кои се конструктивни и ќе го унапредат регионот“.

Истовремено, од концесионерот „Еуромакс Рисорсис“ пристигна реакција на писмото на струмичките еколошки друштва во која се вели дека сите обвинувања изнесени кон проектот се паушални и не се поткрепени со факти бидејќи проектот за бакар „Иловица-Штука“ е целосно безбеден и се развива според највисоките стандарди за животна средина и во согласност со домашната регулатива.

„Проектот „Иловица-Штука“ ќе биде модерен рудник кој ќе отвори многу можности за вработување, поддршка на земјоделството и развој на локалната и националната економија“, се вели во реакцијата на компанијата.