Расправата за законот за јазиците заврши без ниту еден прифатен амандман


       
Скопје, 15 декември, 2017 - 10:13 (META) 

Синоќа пред полноќ собраниската Комисија за европски прашања и Законодавно-правната комисија ги завршија трите дена амандманска расправа за Предлог-законот за употреба на јазиците.

Комисијата за европски прашања три дена дебатираше за првиот амандман на Беса со кој партијата предложи да се промени насловот на законот и наместо „Предлог закон за употреба на јазиците“ побара да стои „Предлог закон за употреба на албанскиот јазик“.

По долгата дебата на која за збор се јавија пратениците Артан Груби, Весел Мемеди, Реџаил Исмаили, Ејуп Аљими, Џеват Адеми и Реџеп Мемеди, Комисијата не успеа да се произнесе по првиот амандман ниту водеше претрес по останатите поднесени амандмани.

Претседателот на Комисијата Артан Груби во изјава за медиумите вчера рече дека тој не може да ги ограничи пратениците во должината на нивните говори и ги отфрли тврдењата дека ова е еден вид блокада за да се спречи расправа за амандамните поднесени од Беса, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ, како што рече, не поддржува промена на текстот на законот, кој е производ на политички компромис помеѓу коалициските партнери.

ВМРО-ДПМНЕ за овој предлог закон поднесе 84 амандмани, четири поднесе СДСМ, а Беса поднесе два амандмани.

Пратениците на Беса вчера одлучија да не присуствуваат на амандманската расправа за Законот за употреба на јазиците бидејќи за нив она што се случува во Собранието е „политички театар“. На седницата не присуствуваа ниту пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои подолг период ги бојкотираат собраниските активности.

Комисијата предлог-законот го проследи до Собранието и се очекува да биде ставен на дневен ред на пленарна седница.