Расправата за предлог-буџетот за 2019 продолжува во матичната собраниска комисија


       
Скопје, 5 декември, 2018 - 9:49 (META) 

Комисиската расправа за предлог-буџетот продолжува во матичната Комисија за финансирање и буџет во Собранието.

Предлог-буџетот за 2019 година тежи 3,7 милијарди евра, вкупните приходи се проектирани на 210,8 милијарди денари, (3,4 милијарди евра), а порастот на економијата 3,2 проценти на домашниот бруто-производ (БДП).

Со буџетот за 2019 година се предвидува намалување на буџетскиот дефицит, кој за следната година е проектиран на 2,5 проценти од домашниот бруто-производ (БДП).Во предлoг-буџетот за 2019 година предвидена е реформа во Фондот за пензиско осигурување, односно намалување на вкупниот трансфер.

Нови 10 проценти повисоки плати се предвидени за лекарите специјалисти од јануари 2019 година, а нови пет проценти повисоки плати од септември 2019 година за сите вработени во јавното здравство. Пораст на платите од пет проценти се предвидени и за просветните работници, вработените во градинките и за јавната администрација.

За капиталните инвестици, кои секоја година се кратат со ребаланс, предвидени се 25,7 милијарди денари.

Согласно фискалната стратегија, јавниот долг за 2019 година ќе изнесува 54,2 проценти и ќе се финансира од домашниот и странскиот пазар на хартии од вредност, но не е планирано издавање на нова еврообврзница.

За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, буџетот е мегаломански, се собираат повеќе пари од граѓаните за власта да ги троши на луксуз, наместени тендери, криминални субвенции и иновации.