Расправата за нов јавен обвинител заврши, гласањето идниот петок


       
Скопје, 15 декември, 2017 - 14:25 (META) 

Собранието денеска ја заврши расправата за именувањето на нов државен јавен обвинител, но не гласаше за изборот на Љубомир Јовески за оваа функција.

Претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери гласањето го одложи за следната недела, односно, како што рече, тоа ќе биде пред почетокот на седницата за буџетот за 2018 година, закажана за следниот петок.

Инаку, на денешната расправа во Собранието не беа присутни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои претходно соопштија дека ќе ја бојкотираат работата на законодавниот дом поради притворањето на шестмината нивни колеги, осомничени за насилствата од 27 април.

Пратениците од СДСМ и од ДУИ во своите дискусии денеска изборот на нов државен јавен обвинител го оценија како појдовна точка за реформите во целата правосудна сфера.

Фросина Ташевска – Ременски од СДСМ рече дека, според неа, минусот на изборот за внатрешно решение, односно новиот обвинител да биде избран од правосудната фела, е тоа што изминатите години не само Јовески, како што член на Советот на јавните обвинители, туку и останатите члeнови и обвинители останаа неми на негативните состојби во Јавното обвинителство кое се стави во функција на политичко-партиските центри на моќ.

– Овој обвинител ќе има тешка задача по она што му го остави Марко Зврлевски и руинираното Јавно обвинителство кое треба да се реформира. Сакам да верувам дека Јовески ќе биде на висина на задачата и ќе се оттргне од политичките центри на моќ, но неговата примарна задача ќе биде ревитализација на Јавното обвинителство. Имам резерва околу ентизијамот на обвинителот во неговото постапување, сепак ние треба да му помогнеме. Тој е првиот човек кој треба да ги покрене процесите, а ние треба да го следиме и поддржуваме и да го критикуваме доколку застрани од пратот на правото и правдата – рече Ременски.

Пратеникот Артан Груби од ДУИ рече дека очекува Јоевески да изгради објективно Јавно обивнителство, кое ќе ги расветли случaите „Сопот“, „Монструм“ и „Диво насеље“.

– Очекуваме Јовески да го повлече обвиниението за случајот „Монструм“ бидејќи нивната невиност се докажа. Очекуваме да се подигне постапка за агентите од тајните служби кои разговарале со лицата од случајот во Куманово. Треба да знаеме кои биле организаторите на настаните во „Диво насеље“ – рече Груби.

Фадиљ Зендели од Беса рече дека реформата во Јавното обвинителство треба да почне со именувањето на новиот јавен обвинител, но побара да добие одговор на прашањето дали Јовески бил дел од судиите кои учествувале во аферата за вооружувањето од почетокот на 1990-те години во која биле осудувани Албанци, а која до ден денеска е нерасчистена.

– Сакам да знам дали бил дел од тој систем што тогаш ги има осудено тие Албанци со позната афера за вооружувањето – рече Зендели.

Очекување дека Јовески ќе биде на висина на задачата изрази и пратеникот од Алијанса за Албанците, Сурија Рашиди кој рече дека треба да се изгради правосуден систем кој навистина ќе биде независен.

За измените на Законот за Судскиот совет, измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше СЈО и законот за укинување на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, кои се дел од оваа седница денеска не се расправаше, а кога ќе продолжи, Џафери најави дека дополнително ќе информира.