Денеска и утре во Скопје ќе се одржат централните свечености по повод прославата на 8 Септември – Денот на незавиноста, кој годинава се одбележува под мотото „Македонија слободна, слободно живее“.
Денеска:
- 13 часот: Свечено менувањето на државното знаме пред кабинетот на претседателот на државата во Вила Водно;
- 17.30 часот: Централната прослава почнува пред Владата, со изложби, театарски претстави и со настапи на гудачкиот квартет „Вива стринг“, хорот при Македонската опера и балет и на повеќе изведувачи од македонската забавна сцена;
- 18 часот: Во касарната „Илинден“ ќе биде извршена почесна артилериска стрелба со испукување на 10 плотуни од страна на артилерискиот баталјон на Армијата на Република Македонија;
- 18 часот: Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе приреди прием во Кристалната сала во Собранието на Република Македонија;
- 18 часот: Градскиот дувачки оркестар ќе одржи променаден концерт со познатите „Чекорници“ од Музејот на град Скопје до плоштадот Македонија;
- 19.30 часот: Обраќање на премиерот Зоран Заев.
Утре:
- 10 часот: Положување свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски и пред споменикот „Ослободители на Скопје“ пред Владата, од страна на делегации на Владата, предводени од премиерот Зоран Заев;
- 11 часот: Во Свечената сала на Собранието, Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ ќе врачи една награда за животно дело и четири награди за остварување во областа на спортот во 2017 година, кои се доделуваат на спортисти, тренери и на спортски работници. Годинава добитник на наградата „8 Септември“ за животно дело е Иван Кочовски, поранешен шаховски селектор и актуелен стручен соработник на Шаховската федерација на Македонија. Други добитници на наградата се каратистот Петар Белистојановски, пливачот Александар Коцевски – Џајо, ракометарот Ристо Магдинчев и кајакарот Ѓокица Николовски.