!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Распишана меѓународна потерница по основачот на „Агрокор“, Ивица Тодориќ


       
Загреб, 21 октомври, 2017 - 18:23 (META) 

Обвинителството во Загреб денеска распиша меѓународна потерница за поранешниот претседател на управниот одбор на „Агрокор“ и основач на компанијата, Ивица Тодориќ, јавуваат хрватските медиуми.

Тодориќ е првоосомничен во аферата „Агрокор“ и се товари за незаконска имотна корист од повеќе од 130 милиони евра.

Доскорешниот шеф на „Агрокор“ е единствениот од вкупно 15 осомничени во аферата кому загрепскиот суд му одреди притвор поради опасност од влијание врз сведоци, додека другите се пуштени да се бранат од слобода.

За Тодориќ, кој е недостапен за хрватските правосудни органи, се претпоставува дека се наоѓа во Лондон.

Обвинителството го сомничи Тодориќ за прибавување противправна имотна корист, односно дека во финансиските извештаи ги прикажувал работењето и финансиската состојба на „Агрокор“ како поуспешни од реалните резултати.

Покрај Ивица Тодориќ, во случајот осомничени си и двајцата негови синови, Иван Тодориќ и Анте Тодориќ, како и 12 менаџери и ревизори на „Агрокор“.