Во новогодишното обраќање, албанскиот премиер Еди Рама порача дека отворањето на границите на Албанија со Косово, што настапи на првиот ден на 2019 година, е само почеток и дека Албанија планира да ги отвори границите и со Македонија, Црна Гора и Грција, пишува „Газетa Обсервер“.

– Наскоро, верувам во текот на пролетта, границата помеѓу Албанија и Косово ќе биде според критериумите на Шенгенскиот договор. Отворените граници со Македонија, Црна Гора и Грција ни се во поблиска иднина отколку приемот на земјата во ЕУ – порача Рама.

Само три дена претходно, неговиот косовски колега Рамуш Харадинај порача преку својот профил на Фејсбук дека од тој ден „границата на Косово кон Албанија не постои“.

„Од денеска границата на Косово со Албанија не постои. Ќе имаме само еден заеднички граничен пункт. Работата продолжува и во март влегуваме во втората фаза на потполното отстранување на границите меѓу Косово и Албанија, врз основа на Шенгенските принципи“, напиша Харадинај.

Спогодбата за заеднички царински и полициски проверки беше потпишана на 26 ноември 2018 година во Пеќ.