fbpx

„Путиновиот конгресмен“, Рорабакер, божемно го поддржува договорот за името и провоцира

-

Дејна Рорабакер, републиканскиот конгресмен од Калифорнија, што го нарекуваа „омилениот конгресмен на Путин“ и многу пати се огласуваше во полза на идејата за Голема Албанија, а исто така и предизвика сериозна вознемиреност со неговата изјава дека Македонија „не е држава“ и треба да се подели, го поздрави Договорот меѓу Македонија и Грција.

Во обраќањето преку неговата официјална страница, по потпишувањето на Договорот во Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Езеро во Грција, тој вели дека посебно го радува благонаклоноста со која „новоименуваниот народ го прифаќа својот идентитет“ како Северномакедонци.

„За мнозина од нас, оваа работа изгледа тривијално, во најдобра рака како мал проблем. Но за луѓето во регионот, тоа беше сериозно вознемирувачки проблем во меѓудржавните односи. Ги комплицираше трговијата и дипломатијата и требаше да се разреши мирно“, објаснува Рорабакер.

Тој во соопштението посебно се задржува на „благонаклоноста“ со која народот го прифаќа новиот идентитет како Северномакедонци“.

„Од срце го поздравувам овој договор и се надевам на брза ратификација од законодавните домови во двете земји. Ова е уште еден доказ дека растечките сентименти посветени на националните интереси по целиот свет може спокојно да се третираат и дека несогласувањата може да се разрешат во духот на мирот и соработката без интервенции на глобалистичките суперсили. Посебно ја поздравувам благонаклоноста со која новоименуваниот народ го прифаќа својот идентитет како Северномакедонци“, вели Рорабакер.

Во февруари минатата година овој конгресмен ја разлути тогашната влада и македонската јавност со изјавата дека Македонија не е држава.

– Со ова ќе ги разлутам сите, но што ми е гајле. Македонија не е држава. Жал ми е, ама не е држава – рече Рорабакер во интервју за албанската телевизија Визион Плус.

Претседателот на Подкомисијата за Европа, Евроазија и растечките закани на Долниот дом на Конгресот на САД потоа рече дека Косоварите и Албанците во Македонија „треба да бидат дел од Косово“, а остатокот од Македонија „треба да биде дел од Бугарија или која било друга држава со која се поврзани“.

Откако јавноста реагираше бурно, Рорабакер „дообјаснуваше“ што сакал да каже, обидувајќи се да се извлече од ситуацијата.  Тој во официјална изјава рече дека Македонија е легитимна држава со право на самоопределување и почитување на границите.

„Мојот коментар алудираше, можеби погрешно, на мојата загриженост кон предизвиците во внатрешното владеење со кои Македонија се соочува во врска со етничките малцинства. Јас во никој случај не сакав да кажам дека некој друг, освен Македонците треба да го утврди суверенитетот или границите на Македонија. Ако моите зборови беа сфатени на друг начин, јас длабоко се извинувам“, рече Рорабакер неколку дена подоцна.

Рорабакер, кој е избран во Оринџ Каунти, инаку важи за еден од најголемите руски пријатели во Конгресот. Тој влезе во центарот на вниманието во февруари годинава, кога Ричард Гејтс, поранешен соработник во кампатањата на Трамп се изјасни како виновен за лажењето за средбата во 2013 година помеѓу Рорабакер, поранешниот шеф на кампањата на Трамп, Пол Манафорт и еден лобист.

Дополнително, во 2016, водачот на парламентарната група на мнозинството во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, исто така републикански конгресмен од Калифорнија како и Рорабакер, им рекол на другите републикански претставници оти смета дека и Трамп и Рорабакер се платеници на Русите. Но Мекарти подоцна рече дека тоа е шега.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...