Пуштен е во употреба новиот пешачки натпатен премин преку автопатот Скопје – Петровец, што ги поврза населбите Хиподром и Инџиково, во општината Гази Баба.
Натпатникот, за чија изградба Градот Скопје вложу околу 38 милиони денари, е долг 63 метри, широк 5,4 метри, а површината за движење е широка 3,1 метри.
Новиот натпатник е изграден од челично-бетонски столбови, челични скали и челични рампи, со кој се овозможи безбеден премин на пешаци, пешаци со велосипеди и на лица со посебни потреби. По должината на натпатникот е поставена ограда висока два метра, изработена од челични профили и од челична мрежа, како и конзоли за инсталации.
За пристап кон натпатникот, односно кон скалите и рампите, од двете населени места, изградени се пешачки патеки со ширина од три метри. За одведување на атмосферските води од натпатникот, изведена е атмосферска канализација. Новиот натпатник е осветлен од 12 канделабри, а осветлени се и рампите.