fbpx

„Пуч“ пак одложен, Јанева и судијката се скараа

-

Жестока расправија меѓу специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и судијката Љубинка Башевска ја вжешти атмосферата на денешното рочиште од случајот „Пуч“, кое повторно е одложено, овојпат на неопределено време. Причина за кавгата и за реакцијата на Јанева беше назначувањето на две нови судијки поротници, кои немаат безбедносен сертификат поради што Башевска и го одложи рочиштето.

На почетокот од расправата, судијката соопшти дека судијката поротник Олга Крстевска била разрешена од должноста на нејзино барање, а за нов поротник била назначена Вања Штериова. Со одлука на Башевска, а на барање на членовите на Судечкиот совет, како негов дополнителен член е назначен уште еден судија поротник – Лилјана Ивановска. Токму овие две судијки поротнички, како што рече Башевска, немаат безбедносен сертификат и по ургенција на судот почната е постапка за негово издавање. Сепак, судијката рече дека не може да се знае до кога ќе трае процедурата за издавање на сертификатите и поради тоа го одложи судењето на недоредено време, а датумот кога тоа ќе се одржи ќе биде дополнително објавен.

На ова жестоко реагираше Јанева, која го извади својот безбедносен сертификат и побара тоа да го сторат и судијката Башевска и другите членови на Судечкиот совет. Ова судот го одби, а Јанева на висок тон ѝ се обрати на судијката, велејќи „На што личи ова. Не може да го одложувате судењето на неопределено време. Како не Ви е срам, цела година го одлагате предметот и ја манипулирате јавноста“.

Реагираше и обвинетиот Зоран Верушевски и адвокатот Филип Медарски, кои бараа од судијката да каже дали за денешното рочиште го повикала единствениот сведок во случајот (Никола Груевски н.з.).

Судијката Башевска неколкупати ги предупреди обвинетите и специјалната обвинителка дека ќе ги казни ако продолжат со нарушување на редот во судницата, а потоа ја напушти судницата во моментот кога за збор се јави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е еден од обвинетите во „Пуч“.

По завршувањето на денешното тензично рочиште, Заев изјави дека денеска судот покажал дека е на колена и дека наместо правни процеси, во него се водат политички процеси.

– Зошто судијката не назначила поротници кои имаат безбедносен сертификат и зошто не е повикан единствениот сведок на денешното рочиште? Ова што денеска го видовте потврдува дека македонското правосудство мора да биде променето оти во моментот тоа не постои. Но, за среќа, тоа ќе биде променето за 40 дена. Обврска на правосудството е да одговори на прашањата кој прислушувал и зошто – изјави Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека кога се јавил за збор во судот, сакал да ја праша судијката Башевска дали е свесна дека наместо правен води политички процес. Тој нагласи дека денешното одложување на судењето за „Пуч“ на неодредено време, јасно покажува дека судот ја остварува политичката агенда на Никола Груевски во пресрет на изборите.

Случајот „Пуч“ е еден од првите што Специјалното јавно обвинителство ги презеде во своја надлежност, но рочиштата со кои и официјално требаше да почне судењето досега повеќепати беа одложувани.

Претходното рочиште требаше да се одржи на 16 септември, но беше одложено бидејќи не беше присутен еден од судиите поротници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...