This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sun Dec 16 15:46:20 2018 / +0000 GMT

Птичји грип регистриран во Македонија, соопшти АХВ




Агенцијата за храна и ветеринарство регистрирала присуство на високозаразната болест авијарна инфлуенца (птичји грип), тип АХ5Н8, кај живина во стуршкото село Мороишта, соопшти денеска на прес-конференција директорот на агенцијата, Зоран Поповски.

Според Поповски, вирусот е опасен за живината, но не се пренесува кај луѓето и во ниту еден случај не може да претставува закана за нивното здравје.

– Првиот случај е детектиран на 27 јануари, по активен надзор на живината спроведен на терен и е потврден со лабораториските анализи извршени на Факултетот за ветеринарна медицина. Веднаш пристапивме кон протоколот за справување со болеста птичји грип и тоа во самото жариште. Се уништи целокупната живина, нештетно се отстрани и се изврши комплетна дезинфекција - рече Поповски.

Тој соопшти дека на сила се неколку мерки и прогласени се две заштитни зони под надзор, каде на терен се уништува целата живина и производите од живина. На терен се активни 30 четиричлени тимови.

За сите животни што ќе бидат уништени, одгледувачите ќе добијат соодветна финансиска отштета од буџетот на Република Македонија. Угинатите животни нема да се исплаќаат, а непријавувањето на болеста од страна на одгледувачите е кривично дело и е казниво со закон.

- Апелираме за максимална кооперативност од локалното население бидејќи се работи за вирус што многу брзо се шири кај живината и може да направи големи економски штети - вели Поповски, кој како симптоми кај живината, ги посочи високата смртност и пад на несивоста.

Post date: 2017-01-30 16:11:51
Post date GMT: 2017-01-30 15:11:51
Post modified date: 2017-01-30 16:12:31
Post modified date GMT: 2017-01-30 15:12:31

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com