Процесот „Жан Моне“ одложен за мај поради организациски причини


       
Скопје, 9 март, 2018 - 14:00 (META) 

Процесот „Жан Моне“, инициран од тројцата европратеници Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан е одложен за мај, потврдиле за МИА од канцеларијата на Вајгл.

Средбите меѓу претставници на пратеничките групи од македонското Собрание и претставници на Европскиот парламент и функционери на ЕУ требаше треба да се одржат од 15 до 17 март во Охрид каде се очекуваше присуство и на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Од канцеларијата на европратеникот Иво Вајгл истакнуваат дека средбата се одложува за мај само поради организациски причини.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифингот за новинари минатата недела рече дека теми на разговорите ќе бидат Деловникот за работа на Собранието како и етичкиот кодекс.

– Теми на дискусија ќе бидат промените на Деловникот во однос на времетраењето односно злоупотребата на седниците како што имаше во минатото, планот „3-6-9“, етичкиот кодекс кој се однесува на поведението на пратениците, извештајот на Прибе, внатрешната сигурност на Собранието. Сега постои комуникација имаме со сите политички партии на сите нивоа, постојат разговори и за законите кои треба да се донесат со двотретинско мнозинство – рече Џафери.

Европратениците првично иницираа разговори во куќата на Жан Моне кај Париз и таа средба беше планирана за крајот на јануари. Но, поради неможност претставници на опозицијата да присуствуваат, средбата во Париз беше одложена.