!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Протести во Мадрид и во Барселона со повик за политички дијалог


       
Мадрид, 7 октомври, 2017 - 15:15 (META) 

Илјадници граѓани на Шпанија, облечени во бело, се собраа на симултани демонстрации во Мадрид и во Барселона и со слоганот „Сакаме да зборуваме“, ги повикаа шпанските политичари да почнат дијалог.

Организаторите на собирите ги повикаа граѓаните да не носат ниту шпански, ниту каталонски знамиња на протестите, туку да се облечат во бело.

Во Мадрид истовремено се одржа уште еден собир, на кој учесниците повикаа на единство на Шпанија и се спротивставија на независноста на Каталонија.

Во Каталонија на 1 октомври се одржа референдум за независност, кој шпанската централна власт не го признава, а Уставниот суд на Шпанија го прогласи за нелегален.

Каталонските власти вчера ги соопштија конечните резултати од референдумот, според кои за независност се изјасниле 90,18 отсто од гласачите, но излезноста била само 43,03 отсто.

Властите на овој богат регион на североистокот на Шпанија размислуваат дали еднострано да прогласат независност, за што според каталонскиот закон за референдум, имаат рок од 48 часа од објавувањето на конечните резултати.