Просечната оценка од државната матура во јуни e 3,42


       
Скопје, 20 јули, 2018 - 16:13 (META) 

Вкупната просечна оценка од испитите по сите предмети од 11-тата државна матура за учебната 2017/2018 година во јунската испитна сесија е 3,42, што е мало подобрување од минатата година кога средната оценка беше 3,39.

Резултатите од испитите по трите екстерни предмети кои се полагаа од 2 до 21 јуни, денеска на прес-конференција ја соопштија министерот за образование и наука Арбер Адеми и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Лидија Ѓошевска.

Според податоците, највисока просечна оценка е постигната по предметот турски јазик и литература 4,18, а најниска по англиски јазик 2,91.

– Имаме релативно иста ситуација како лани. Задоволни сме затоа што има благ раст на успехот, а тоа е индикатор дека и покрај сите предизвици и состојбата во која се наоѓа образованието, тоа е на добар пат кон подобар квалитет – истакна министерот Адеми, нагласувајќи дека целта им е да добијат реална слика за образванието на национално ниво од што ќе извлечат заклучоци за негово подобрување.

Мајчин јазик и литература во јуни полагале 14.969 матуранти. Македонски јазик 10.122 со просечна оценка 3,66, албански јазик 4,474 со просечен успех 3,81 и турски јазик полагале 373 со просечна оценка 4,18. По предметот математика, за кој во јуни имало 1.900 кандидати, средната постигната оценка е 3,37.

За матурантите што во јуни не ја положиле државната матура или не во целост, следната испитна сесија е на 12-ти, 13-ти и 14 август. Положената државна матура е услов тие да се запишат на факултет.