!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Прооден е патот кон тетовското планинско село Гургурница


       
Тетово, 9 јануари, 2017 - 13:46 (META) 

Патниот правец кој води до селото Гургурница, Тетовско, од вчера попладне е прооден. Овој пат викендов беше затрупан со снег, откако поради силниот ветер, голем снежен нанос се спушти на локалниот пат, на околу 2 километри од влезот на селото.

„Патот е пробиен вчера, околу 15.30 часот. На пробивањето се работеше со два багери, а ако има повторно навеви со снег, пак ќе се интервенира“, информираат од Републичкиот центар за управување со кризи Тетово.

Енвер Пајазити, градоначалникот на Брвеница, општина под која припаѓа селото Гургурница, информира дека екипи на неговата Општина до доцна синоќа биле на терен, го расчистувале патот и ја надгледувале состојбата.

– Со оглед на теренот каде се наоѓа ова село и непредвидливите временски услови, таму за кратко време може повторно да се натрупа снег, затоа нашите екипи се во постојана мобилност – рече Пајазити.

Планинското село Гургурница се наоѓа на надморска висина од 1.250 метри, а во него живеат 2.500 жители.

Останатите патни правци низ Западна Македонија се проодни. Забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Маврово – Дебар сè уште е на сила, а во клисурите и во засеците, како што информираат од ЦУК Тетово, можна е појава на одрони.