!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Пронајдено оружје во штипскиот затвор


       
Штип, 8 март, 2017 - 15:39 (META) 

Во затворот во Штип, во просторот каде престојувале затвореници, пред неколку дена биле пронајдени делови од оружје. Според штипската полиција, рамка од пиштол и еден куршум биле пронајдени во одвод од канализација. Деловите од оружјето веќе биле кородирани, потврдија од СВР Штип.

Екипа на криминалистичката полиција, по пријавата од затворот, била на терен и случајот е затворен. Меѓутоа, од полицијата соопштија дека нема повеќе детали околу овој случај, освен дека се пронајдени делови од пиштол.

Како овие делови од оружје завршиле во канализацијата на обезбедениот затвор, засега нема толкување.

Меѓутоа, како што дознава „Канал 77“, по овој инцидент од штипскиот затвор бил преместен Алмир Дрпљанин, осуденик на доживотен затвор за убиството кај ПМФ во Скопје во 2008 година на припадникот на полициските „Алфи“, Африм Арифи, како и за повеќе грабежи.

Дрпљанин, по екстрадицијата од Косово, во јануари 2015 година беше донесен во затворот во Штип на издржување на казната.