Промовирано ДВД за медиумска писменост наменето за основните училишта


       
Скопје, 25 јануари, 2018 - 15:43 (META) 

Во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни и медиумски услуги (АВМУ) денеска се промовираше ДВД кое вклучува нагледни и едукативни материјали на тема медиумска писменост, а е наменето за основните училишта во Македонија.

Во ДВД-то има содржини изработени од невладини организации како Високата школа за новинарство и односи со јавноста, Македонскиот институт за медиуми, Фондацијата „Метаморфозис“ и други, но и содржини изработени од државни институции како АВМУ и Народниот правобранител.

Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, рече дека со ова наставниците ќе добијат пишани и аудио-видео материјали кои ќе можат да ги користат како нагледни средства, со што медиумската писменост посуштински влегува во основните училишта.

ДВД-то е изработено во рамките на Македонската мрежа за медиумска писменост во која членуваат невладини и образовни организации, како и државни институции. Покрај на македонски, дел од содржините се и на албански, турски, српски, бошњачки, ромски и влашки јазик.

ДВД-то е одобрено од Бирото за развој на образованието и од Министерството за образование и наука за употреба во основните училишта, така што најголем дел од тиражот од 2.000 примероци ќе биде доставен токму до училиштата како материјал за користење во наставата.