fbpx

Промовирана веб-страницата на Школата за податоци

-

Концептот на отворени податоци е генератор на просперитетот и на демократизацијата на општеството, рече амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Чарлс Едмунд Герет, на денешната промоција на веб-страницата на Школата за податоци – Македонија. Таа нуди константна поддршка на граѓанските организации, новинарите и на сите заинтересирани граѓани во употреба на податоците како дел од проектот „Мрежа на граѓански организации за отворени податоци“, кој го спроведува Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со Фондацијата Open Knowledge, а е поддржан од Британската амбасада во Македонија.

– Можноста цивилното општество да побара податоци кои се релевантни за јавните политики и постапки е суштинска за владеењето на демократијата – рече амбасадорот Герет на промоцијата.

Британскиот амбасадор истакна дека отворените податоци се „двонасочна улица“ – од една страна владите и институциите ја зголемуваат транспарентноста, а од друга, граѓанското општество го зголемува своето учество во процесот на донесување одлуки и го истакнува гласот на маргинализираните групи.

– Овој проект се темели врз претходниот ангажман на Велика Британија во оваа област низ т.н. „Партнерство за отворена влада“ и се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и ќе влијае на зголемување на транспарентност на владата и на зголемување на учеството на граѓаните во преиспитувањето на владините активности и информираноста при донесувањето на одлуките – рече амбасадорот Герет.

Директорот на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, додаде дека отворениот пристап до податоците е битен за двете страни – и за граѓаните и за институциите, бидејќи им помага на граѓаните да се изедначат во знаењето со политичарите кои ги имаат во секое време на располагање податоците од државните институции.

На промоцијата беа присутни претставници од граѓански здруженија, асоцијации и од медиуми, но и заинтересирани поединци.

На веб-страницата можат да се најдат курсеви за основи на податоци, како и информации за алатки и за апликации за употреба и за обработка на податоци.

Покрај веб-страницата, беше промовиран и конкурс за поддршка на проекти поврзани со отворени податоци.

Рокот за пријавување е до 22 јуни, а сите граѓански организации можат да аплицираат со конкретна идеја за проект поврзан со отворени податоци.

По завршувањето на конкурсот, ќе бидат селектирани четири проекти кои ќе добијат поддршка од Фондацијата „Метаморфозис“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...