!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Промовирана првата мапа на планинарски патеки на Шар Планина


       
Тетово, 20 април, 2017 - 16:14 (META) 

Во Тетово денеска беше промовирана мапа на 54 планинарски патеки на Шар Планина, прва од ваков вид во Македонија. Преку мапата туристите ќе добијат информации за должината на патеката, висинската разлика, инфраструктурните објекти долж патеката и слично.

– Се работи за планинарски патеки кои и досега биле користени. Мапата треба да биде мотив плус за сите планинарски друштва што работат во регионот, да ги зачуваат планинарските патеки, да ги обновуваат, одржуваат и во иднина да се почне со истражување на нови патеки по европски стандарди – вели претседателот на планинарскиот клуб „Љуботен“, Јован Божиновски.

Мапата на планинарски патеки треба да придонесе за развојот на туризмот во овој регион.

– Мапираните патеки ќе бидат дел од туристичката понуда на Шар Планина и ќе будат мотивација да дојдат повеќе планинари на овој масив. Не им е сеедно на туристите дали ќе биде некоја патека мапирана или не и дали ќе биде средена или запустена – изјави Констатин Циривири, претседател на Асоцијацијата на професионални планинарски водичи.

Мапата на планинарски патеки на Шар Планина наскоро ќе биде достапна во сите планинарски друштва и туристички инфраструктурни објекти на шарпланинскиот масив.