Промовирана програмата за поддршка на малите и средни претпријатија


       
Скопје, 1 март, 2018 - 15:52 (META) 

Микро, малите и средните претпријатија ќе бидат најсилно поддржани преку мерките од Планот за економски раст, најавија денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

Анѓушев потенцираше дека микро, малите и средни претпријатија се во привилегирана положба, затоа што ќе можат да ги користат мерките од сите три столба на Планот за економски раст кои ќе се спроведуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, преку спроведување на среднорочната Програма за поддршка на мали и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој, како и мерки кои ќе се спроведуваат преку Министерството за економија.

– Малите и средни компании ќе имаат можност да добијат 30 отсто поврат на средства направени во инвестиции за градење на нови хали, купување машини и други основни средства, а доколку прават инвестиции за развивање на нови производи, Владата ќе изврши поврат од 70 отсто од направените инвестиции за развивање на новите производи – потенцираше Анѓушев.

Деспотовски рече дека преку Програмата за поддршка на малите и средни претпријатија на Фондот, државата станува инвеститор и партнер на компаниите. Тој информираше дека во 2018 година за програмата се наменети 645 милиони денари и даде детално објаснување за секоја од петте мерки со која ќе се овозможи помош за компаниите.

Министерот за економија Бектеши објасни дека министерството ќе ја спроведува и Програмата за конкурентност, претприемништво и иновации каде што се наменети околу 38 милиони денари.

– Министерството за економија ќе спроведе 13 мерки преку оваа Програма, кои не се преклопуваат, туку се надополнуваат со мерките од Планот за економски раст. Со годинешниот буџет од 38 милиони и 390 илјади денари, само за делот на Поддршка на развојот на мали и средни претпријатија, и дополнителни 9 милиони за мерки на индустриска политика и кластери, усвоена е програма која е збогатена со нови мерки, креирани на барање и во корист на претприемачите – рече Бектеши.