Книгата „Дневникот на една планинарка“ од Калина Велевска, која загинаа со Александар Миновски, лани на Кајмакчалан синоќа беше промовирана во бифето во Младинскиот културен центар (МКЦ). Собраните средства од продажбата на книгата, ќе бидат дадени за зголемена безбедност на планинарите на планините.

Во книгата се собрани текстови кои Калина ги објавувала на порталот „МИС“, после секоја планинарска тура.

„Она што го имаме пред нас за читање е само дел од патешествието на Калина собрано на едно место како завет. Книгата е да се потсетите на Калина, за тоа каква беше, нејзината широка насмевка и нејзината непресушна љубов кон луѓето, животните, животната средина, кон нејзиното Лазарополе каде што ги направи нејзините први планинарски чекори“, рече татко ѝ на Калина, Марјан Велевски.

Истрагата за смртта на двајцата планинари, кои трагично ги загубија своите животи лани на зимска тура на Кајмакчалан, тапка во место и нема ниту еден одговор што се случи тој ден.

„Засега останува нејасно, зошто во хаосот што се создаде на врвот на Кајмакчалан, некој ја пуштил гласината за наводно исчезнати мајка и дете и зошто само Калина и Александар тргнале по нив. Како што е нејасно, зошто најавената помош не успеала да стигне до нив, кога тие биле лоцирани во раните попладневни часови. И тука би застанал“, додаде Велевски.

Првиот тираж од книгата се продаде синоќа на промоцијата, а деновиве ќе биде отпечатен и втор тираж кој повторно ќе се продава во „Апотека“ во МКЦ а ќе може да се нарача и преку купон објавен на страниците на дневниот весник „Нова Македонија“.