Промовирана Индустриска стратегија за раст на производствениот сектор


       
Скопје, 5 јули, 2018 - 12:11 (META) 

Денеска беше промовирана Индустриска стратегија која произлезе од проектот „Ревизија на индустриската политика 2009-2020“, финансиран од Делегацијата на ЕУ и имплементиран од Министерството за економија.

Стратегијата, според министерот за економија Крешник Бектеши е во согласност со принципите на европските добри практики и е клучна економска основа на земјава во преговорите за пристапување со ЕУ.

– Фокусот во Стратегијата е ставен на производствениот сектор, а во документот се интегрирани мерките од Планот за економски раст и предложени се нови мерки. Целта е да се промовира индустријализацијата преку стимулирање на растот и развојот на производствениот сектор – рече Бектеши.

Тој додаде дека Стратегијата има пет цели, и тоа зајакнување на базата на преработувачката индустрија, подигнување на продуктивноста во производството, иновациите и трансферот на технологии, катализирање на зелената индустрија и зеленото производство, стимулирање на извозот на производството, изградба на сектор за учење за производство.

Со новиот план за економски раст на Владата, следните пет години ќе се доделат државни средства за производствениот сектор во износ од 150 милиони евра.

Според раководителот на секторот за соработка во рамки на Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини, она што државата го правела последните десет години не било добро.

– Нема да има конкурентност со субвенции. Субвенциите ја влечат економијата надолу. Конкурентноста почнува да се развива кога бизнисот лежи на здрави основи – порача тој.

Бертолини укажа дека еден од поголемите проблеми со кои се соочува македонската економија е недостигот на соодветно едуциран, млад кадар и додавајќи дека Индустриската стратегија што произлезе од проектот, претставува добра појдовна основа. Покрај стратегијата, подготвен е и Акционен план за периодот 2018-2020.

Преработувачката индустрија учествува со 12,2 отсто во БДП (2016 година), вработува 19 проценти од вработените и учествува со 10 проценти во бројот на активни компании, а најголем дел од извозот или 87 проценти од извозот се креира кај компаниите од индустријата.

– Речиси 40 проценти од вкупните странски инвестиции во државата се во преработувачката индустрија, од кои 75 проценти се концетрирани во транспорт и опрема, основни и преработени материјали и преработка на храна – информираше Бектеши.