fbpx

Прогресивниот данок може да предизвика одлив на мозоци и компании

-

Владата не ги послуша апелите на компаниите кои се занимаваат со информациско-комуникациски технологии и иновации и најави дека од 1 јануари 2019 година ќе има прогресивно оданочување од 18 отсто за примањата на лицата кои имаат месечен личен доход над 90.000 денари. Според менаџерите на компаниите од овој секторот, воведувањето на прогресивното оданочување ќе ја намали продуктивноста, ќе ја зголеми невработеноста и сивата економија и ќе доведе до одлив на мозоци од земјава.

Истото го кажуваат и вработените.

Александар Галовски, вработен како инженер во „Нетсетера“, една од најстарите компании во Македонија од секторот информациско-комуникациски технологии вели дека прогресивниот данок дополнително ќе придонесе за одлив на младите квалификувани програмери и софтверски дизајнери во земји со поповолни даночни услови.

-Поради лошата економска средина, младите луѓе од овој сектор и досега ја напуштаа земјава, а оние што се тука секојдневно бараат начин како да ја напуштат. Иако земаат повисоки плати од вработените во повеќето останати сектори, овие луѓе не спаѓаат во богатиот слој граѓани, како што се тврди при воведувањето на оваа даночна реформа, туку имаат доволно пари за колку-толку нормален живот – вели Галовски.

Тој додава дека новиот данок ќе поттикне и развој на сивата економија.

-Младите што ќе останат во земјава, а работат за компании, односно на „тезги“ од странство, сега ќе бараат начин да си го наплатат трудот преку сервиси за брз трансфер на пари или другу механизми. Тоа значи дека државата повеќе има да изгуби, отколку да добие од воведувањето на прогресивното оданочување – вели Галовски.

Според него, даночната реформа може да придонесе и странските компании од овој сектор што сега имаат свои претставништва во Македонија да се преселат во земји од соседството, каде што се нудат и посебни поволности за оваа дејност.

Уште при првичната најава за воведување на прогресивно оданочување, до Министерството за финансии реагираа Американската стопанска комора во Македонија, Македонија 2025 и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, во кои членуваат над 200 компании.

„Доколку се пенализираат оние делови од населението кои напорно работат кон напредување и повисоки приходи, а се наградуваат оние кои не се трудат, ќе се намали продуктивноста. Во Република Македонија се исплаќа бруто-плата и не постои механизам  што ќе ги обврзе компаниите да ја зголемат бруто-платата за нето-платата да остане иста по зголемување на придонесите. Многу е веројатно зголемениот даночен товар да падне врз грбот на вработените, наместо на работодавачите. Тоа ќе доведе до одлив на квалификуваните кадри во земји со поповолна даночна клима. Овие кадри се исто така и најголемите потрошувачи и со нивното заминување ќе се намали економскиот пораст“, укажуваат од трите асоцијации.

Според нив, мерката ќе доведе до дестимулирање на развојот на висококвалификувани кадри, со оглед на тоа што најмногу ќе ги погоди оние кои вложувале во сопствениот професионален развој и ќе испрати порака дека квалификуваноста е неисплатлива, со што ќе се отстрани стимулот за развој на способности и квалификации.

Од спротивната страна, пресметките што ги претстави Министерството за финансии покажуваат дека од воведувањето на таканаречениот праведен данок околу 453.000 лица ќе имаат намалување на ефективната даночна стапка, додека само 38.000 лица ќе имаат зголемување.

„Евидентно е дека за најголем дел од популацијата новата ефективна даночна стапка е пониска од моменталната, додека позначајно зголемување има единствено кај најдоходовните 1 отсто. За најдоходовните 1 отсто од населението, зголемувањето на ефективната даночна стапка изнесува 4 процентни поени, додека за групата под тоа, зголемувањето е 0,6 процентни поени“, објаснуваат од Министерството.

Сепак, ако се земе предвид дека меѓу овие лица доминираат млади луѓе – програмери, инженери и други квалификувани технички кадри, кои во иднина би требало да бидат мотор на македонската економија останува впечатокот дека со нивно заминување во земји со поповолни даночни услови, што и сега се случува, нашата земја на долг рок може повеќе да загуби отколку да добие од новите даноци, од кои според математиката на Министерството за финансии буџетот ќе се дополни за само 25 милиони евра на годишно ниво.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Меѓаши: Младите треба отворено да зборуваат ако имаат суицидни мисли

Потребна е поголема поддршка од институциите за негување на детското ментално здравје, а сите треба да учествуваме во детабуизирање на темата. Ова беа заклучоците на денешното презентирање на наодите на...