fbpx

Програмите на МРТ на јазиците на националностите едвај составуваат крај со крај

-

„Ромската редакција во МТВ има само еден човек, за програмата на српски јазик ангажирани се еден или двајца. Вработените во редакциите на помалите етнички заедници и во телевизијата и во радиото на јавниот радиодифузен сервис честопати работат во руинирани простории, без доволно столчиња и бироа, а тешко доаѓаат до техника и камери. Се чувствуваат изолирани и другите, а демотивирани се и од тоа што последните вработувања се случиле пред 10 и 15 години, а голем дел од вработените во овие редакции се блиску до возраста за пензионирање“, беше кажано на денешната тркалезна маса во Скопје, организирана од ОБСЕ.

На настанот посветен на зајакнување на капацитетот на редакциите на јазиците на заедниците во јавниот радиодифузен сервис, препораки за реформирање на редакциите на помалите јазици кои ќе треба да функционираат во рамките на новиот четврти канал на МРТ, даде Џонатан Стоунмен, медиумски експерт и поранешен долгогодишен новинар на „Би-би-си“.

Тој рече дека се фрапирал од некои работи што ги видел или ги слушнал во разговорите со вработените во редакциите на помалите јазици и препорача итна обука на вработените за користење на социјалните мрежи и за промовирање и за емитување на содржините, но и за контакт со публиката и за утврдување на нивните интереси.

Стоунмен препорача и да се почне со користење на паметни телефони и мали камери кои може веднаш да емитуваат, како и вработените да се обучат за нивно користење, а посочи дека е потребна и добра безжична мрежа за да може новинарите и другите вработени да функционираат нормално, оти, како што рече, се фрапирал кога видел дека на вработените некогаш им се потребни по 10 минути да се конектираат за да може да пишуваат или да внесат материјали.

Медиумскиот експерт препорача кога ќе се формира четвртиот канал на МТВ, како и тој на Македонското радио, сите редакции да бидат под еден раководител кому ќе може да му се обраќаат за проблемите, но и да бидат во заеднички простории. Стоунмен рече дека е неопходно да почне и титлување на програмите на други јазици, за да се олесни запознавањето на различните јазични заедници за да може да дојде до поголемо зближување.

На почетокот на тркалезната маса, говореа и заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстајн, и министрите Дамјан Манчевски и Роберт Поповски, кои порачаа дека намерите и на ОБСЕ и на македонската влада се за стимулирање на мултикултурноста во земјава, за што се потребни уште реформи и напори. Но, како што рекоа министрите, реформите во МРТ ќе одат бавно, поради недостигот на пари во државата. Сепак, беше нагласено дека Владата има искрена определба да прави реформи и во јавниот радиодифузен сервис, не поради притисоци, туку затоа што нејзина изворна определба се слободата на изразувањето и негувањето на мултикултурноста.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Реакции по одлуката Саудиска Арабија да го предводи форумот за правата на жените на ОН

Саудиска Арабија е избрана да биде претседавач со комисијата на Обединетите Нации што ја промовира родовата еднаквост, а одлуката е критикувана од групи за човекови права поради исклучително лошото...