Програмата за култура поголема отколку досега


       
Скопје, 10 февруари, 2018 - 14:30 (META) 

Министерството за култура на Република Македонија денеска, објавуваќи ги Годишната програма и резултатите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2018 година, рече дека во програмата нема повеќе партиска, идеолошка или каква било друга негативна селекција.

Покрај тоа, годинава пристигнале барања за многу повеќе проекти од претходно, рече министерот Роберт Алаѓозовски.

– Имаме зголемен интерес за културни проекти,  правичност и диверзитет во распределбата и силна поддршка за уметниците и културните работници, согласно интересот на граѓаните. Обезбедивме силна поддршка за културни проекти кои градат едно општество за сите,  децентрализација на културата и еднаков пристап до неа, за сите граѓани подеднакво. За илустрација – во ликовната, музичката, фолклорната и драмската дејност, во 2016 година беа пристигнати 1.556, во 2017 година 1.593 проекти, а на годинашниот конкурс пристигнаа 2066 проекти – 500 проекти повеќе, или над 25% пријави повеќе! Тоа покажува дека е зголемена довербата во институцијата и успешноста во популаризацијата на конкурсот во јавноста – рече министерот Алаѓозовски.

Програмата овозможува простор за сите уметници и за сите манифестации што имаат повеќегодишна традиција. Зад одлуките за неизбор стојат автономно конкурсните комисии и нивните образложенија за неисполнување на критериумите и потфрлање на квалитетот, појасни Алаѓозовски.