Продолжуваат судските рочишта за „Траекторија“, „Тарифа“ и „Тенк“


       
Скопје, 4 септември, 2018 - 12:39 (META) 

Во Кривичниот суд денеска се одвиваат рочишта за предметите „Траекторија“ „Тарифа“ и „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Во „Траекторија“ осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор за државни патишта Љупчо Георгиевски, дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид.

Во случајот „Тарифа“ на обвинителна клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“  Дејан Бошковски и уште две други лица. Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Адвокатите од одбраната на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на почетокот на денешното рочиште за случајот „Тенк“, бараа изземање на судијката  Добрила Кацарска. Таа даде пауза од половина час за претседателот на судот, Иван Џолев да се произнесе за барањето на адвокатите.

За денешното рочиште „Тенк“, кое се однесува на набавката на „мерцедесот“ вреден 600 илјади евра, предвидено е да бидат сослушани шест сведоци предложени од обвинителството. Судијката Кацарска на почетокот на судењето за овој случај закажа 23 рочишта за помалку од 40 работни дена.