Прислушувањето се врши легално со наредби од судот, велат од МВР


       
Скопје, 22 октомври, 2017 - 13:14 (META) 

Следењето на комуникациите во Министерството за внатрешни работи се врши во согласност со законските процедури – со наредба од суд преку Јавното обвинителство, велат од МВР за „Нова ТВ“ во врска со обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, изнесени во интервјуто во емисијата „Седмица“ на телевизијата „Алфа“, дека стотина членови на раководството на партијата се прислушувани од МВР.

„Тоа што го прави МВР е легално и со наредба од суд преку Јавното обвинителство, а токму обвинителството е тоа што ги води истрагите. Нелегалното масовно прислушување, главната одлика на владеењето на Никола Груевски, е предмет на истрага на Специјалното јавно обвинителство. Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Бирото за јавна безбедност (БЈБ) постапуваат во согласност со своите надлежности и нивните активности во форма на оперативни акции и обработки во борбата против организираниот криминал, тероризмот, насилниот екстремизам и другите облици на противзаконско однесување, се од доверлива природа и не се коментираат јавно. Работата на овие служби е насочена кон штитење на интересите и на безбедноста на граѓаните и не се под контрола на ниту една политичка партија“, велат од МВР.

Од Министерството додаваат дека УБК во своето работење е фокусирано на лев и на десен екстремизам и радикализам, а тероризмот е посебен глобален феномен за кој и не треба посебно објаснување.

Оттаму потсетуваат дека во Собранието постојат две комисии чија функција е да вршат надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање (АР) и над примената на посебните истражни мерки (ПИМ).

„Тие комисии се добредојдени во секој момент да извршат надзор и контрола над примената на овие мерки“, велат од МВР.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера, во специјалното издание на магазинот „Седмица“ на „Алфа“, обвини дека членови на партијата се прислушувани во изминатиот период и дека во УБК е отворено досие под името „Македонски екстремизам и тероризам“.

– Такви досиеја се воделе во комунизмот и во 1990-тите против ВМРО-ДПМНЕ, како случаите „Темел“ и „Сина птица“. Така и сега, против ВМРО-ДПМНЕ се водат истраги за да се урниса партијата – рече Груевски.