Прилепскиот загубар „Еуроинвест“ ќе прогласи технолошки вишок


       
Прилеп, 25 септември, 2018 - 10:04 (META) 

Прилепскиот загубар „Еурокомпозит“ до крјаот на овој месец ќе ја објави листата на вработени кои што ќе бидат прогласени за технолошки вишок. Според вицепремиерот за економија, Кочо Анѓушев ова е една од мерките за консолидација на овој прилепски загубар со околу 260 вработени, кои што со децении живеат во агонија за својата работна судбина.

„Оваа компанијата се соочува со сериозни тешкотии што настанале во 2011, 2012 и 2013 година. Но, на добар пат сме да го решиме. До крајот на месецот како што се договоривме со Синдикатот и раководството ќе биде прогласен технолошки вишок, за да може сите тие луѓе да си ги остварат своите права, во рамките на законите, за да бидат згрижени. Оттука натаму, по први октомври ќе премине во период на реорганизација, значи пред стечајна реорганизација во која што се обезбедени инвеститори за да може „Еурокомпозит“, да продолжи да работи како нормална компанија“, рече вицепремиерот за економија Анѓушев.

Тој се надева дека за две години, оваа државна компанија ќе се реорганизира и ќе постигне резултати, бидејќи компаниите од дејноста што ја обавува „Еурокомпозит“ во регионот работат успешно.

„Еурокомпозит“ е единствена фабрика за наменско производство за потребите на одбраната и безбедноста, целосно во државна сопственост. Од осамостојување на Македонија до денес вработените оствариле десетици средби со сите македонски влади и добиле ветувања дека проблемот со овој загубар ќе биде решен. Но, наместо подобро, останувала практиката само преку штајк да обезбедуваат аванси за плати, зашто придонесе не им се плаќаат со години.