Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп синоќа со изведба на претставата „Пиреј“ по текст од Петре М. Андреевски, а во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, ја одбележа 69-годишнината од постоењето на прилепскиот храм на Талија.

На истата сцена на која што досега се одиграни 370 премиери и преку 7.000 претстави, за приближно два милиона публика, по речиси седум децении креативниот и посветен ансамбл го одбележа скромно, но максимално професионално, како што доликува на врвни уметници и актери, својот јубилеј.

На истите штици бројни генерации актери, од кои дел не си меѓу живите,ја одиграа: „Солунски патрдии“, „Полковникот птица“, „Туѓо сакаме, свое не даваме“, „Колобан“, „Спиро Црне“, „Арсениј“ и други.

Прилепскиот театар низ децениите постоење бележи квалитативен развој. Тоа го докажа со кадровското освежување, со ангажманот на новата млада генерација актери, со која ансамблот веќе неколку години освојува бројни награди не само на домашните фестивали „Војдан Чернодрински“ и „Ристо Шишков“,туку и на меѓународните „Експонто“ во Љубљана, „МЕСС“ во Сараево, на „Фестивалот на актерот“ во Ниш со проектите: „Тапани во ноќта“, „Кавкаски круг со креда“,„Клетници“…

Главната заложба на новото раководство е нов храм на Талија, со изградба на нов објект или со преадаптација на просторот во постоечкиот Центар на култура „Марко Цепенков“.

– Сакаме да твориме во професионални услови, со гримиорни, со сите услови, техничка поддршка потребна на еден современ театар. Очекуваме Министерството за култура да има слух и за актерите и театарот во Прилеп – велат дел прилепски актери.

Директорката на центарот, Менче Караџоска вели дека работи на  конечно решавање на проблемот.

– Факт е дека Прилеп и театарската публика, и фестивалот „Војдан Чернодрински“, а особено актерите во театарот, имаат потреба од оптимални услови за работа и творештво. Затоа и моите заложби се во тој правец  – вели директорката Караџоска.

Инаку, за прв пат завесата во прилепскиот театар се кренала на 18 февруари 1950 година, со изведбата на претставата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, а во режија на Аце Михајлоски.