fbpx

Пријавување за финансиска поддршка за систем за наводнување на фуражните култури

-

Од 15 февруари до 31 март годинава, производителите на фуражни култури ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка за набавка на систем за наводнување „капка по капка“. Оваа мерка, првпат воведена лани само за пченката, сега е трипати зголемена и е проширена на сончогледот и на сите други фуражни култури.

Како што истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков, целта е сопствено производство на добиточна храна и намалување на производствените трошоци, а тоа е можно само преку примена на нови технологии, современи решенија за наводнување и соодветни агротехнички мерки.

– Со увоз на 62.000 тони пченка и просечен принос од 4,3 тони од еден хектар, Македонија е релативно ниско позиционирана во регионални и во европски рамки. Моментно засадените површини со оваа култура се доволни да ги покријат домашните потреби доколку просечните приноси се зголемат за околу една половина – нагласи Цветков, додавајќи дека Министерството за земјоделство последниве две години интензивно работи на модернизација на производството на сточна храна.

Поддршката, која предвидува покривање на 50 отсто од трошоците за поставување систем „капка по капка“, во 2015 година е проектирана на вкупно 15 милиони денари, а лани изнесуваше пет милиони денари. Мерката произлезе од проект „Да одгледуваме повеќе пченка“ на УСАИД, кој почна во 2013 година и даде одлични резултати.

– Фармерите вклучени во овој проект изминатите две години со системите „капка по капка“ донирани од УСАИД постигнаа два до три пати поголеми приноси – просечно 13 тони на еден хектар зрно и 80 тони на еден хектар силажа, а рекордите беа дури 20 тони зрно и 120 тони силажа – рече директорот на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн.

Според него, финансискиот ефект од високите приноси е во намалувањето на производствените трошоци на силажа од 2,5 на 0,5 денари и на зрно од 12 на 4 денари.

– Како дополнителна придобивка, Македонија може да го замени увозот на пченка со домашно производство ако воспостави системи „капка по капка“ на 7.000 хектари – посочи Стајн.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...