Прибе: Сите ресурси и сили во Македонија треба да бидат насочени кон владеење на правото


       
Охрид, 5 јуни, 2018 - 13:02 (META) 

Немам детален увид во она што се случуваше, што е направено во текот на изминатите две години по однос двата извештаја што ги изготвивме како експертска група, оние од 2015 и од минатата година. Извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија укажува на значаен напредок во одредени области, но постојат и доста области каде уште мора многу да се сработи, да се спроведат неопходни реформи во евроинтегративниот процес. Очигледно е дека во извештајот централно прашање и приоритет е посочено владеењето на правото со сите аспекти што ги подразбира, истакна Рајнхард Прибе кој учествува на Меѓународната научна конференција за реформите на безбедносниот систем што се одржува во Охрид.

Прибе кој ја предводеше петчлената експертската група на ЕУ задолжена за системски прашања, во изјавата за медиумите нагласи дека повеќе не е официјален претставник на ЕУ, но лично се надева дека Македонија и државите од регионот ќе направат исчекор во процесот на евроинтеграција.

– Во секој случај, реформите на кои укажавме ние, а се посочуваат и во Извештаите на ЕУ, треба да се направат, не само заради напредок во тој евроинтегративен процес, туку повеќе за самите држави и граѓаните пред сè – рече Прибе.

Тој одби да издвои област каде би требало политиката, државата и институциите да ги насочат своите реформски процеси.

– Се работи за серија препораки. Владеење на правото е клучно за приближување кон ЕУ, сите ресурси и сили во општеството би требало да бидат ангажирани и насочени кон таа цел – нагласи Прибе.