fbpx

Пресување, балирање, дробење: Како се уништувала опремата за прислушување во МВР

-

Незаконско формирање на комисија за попис, уништување на траги, конспиративно носење и уништување на опрема на отпади за старо железо, прикривања, фалсификување на документација, антидатирање на материјали во архивата на Министерството за внатрешни работи (МВР) се дел од работите што осомничените во случајот „Тврдина“ на СЈО ги направиле за да се ослободат од двата системи за прислушување вредни 10 милиони евра.

Целата операција, како што денеска на прес-конференција посочи обвинителката на СЈО, Ленче Ристовска, била поврзана со незаконското следење на комуникациии, а почнала кратко по пресудата на скопскиот Кривичен суд, од 25 февруари 2015 година, со која еден од осомничените во случајот „Пуч“, инаку вработен во Петта управа на УБК (каде што се системите за прислушување), е осуден на 3 години затвор, по претходна спогодба со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Во неа судот напишал дека незаконското следење на комуникациите „е вршено преку искористување на уредите за прислушкување и тонско снимање на техничките капацитети на средствата за следење на комуникации при Министерството за внатрешни работи“.

По ова првоосомничениот во „Тврдина“, началникот на Петтата управа, Горан Грујовски, почнал со спроведување на операцијата за уништување на опремата за прислушување „заради прикривање на други лица кои неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите на УБК“ и за прикривање на трагите од криминалната акција. Сето тоа траело една година, односно од март 2015 до истиот месец во 2016 година.

  • Акцијата почнала со усна наредба на Грујовски до раководителите на организационите единици во рамки на Одделот за оперативно техничка поддршка на операции (Петта управа) да му биде доставено известување за состојбата на опремата на УБК. Наредбата, според СЈО, била дадена за да се покаже дека наводно има потреба за уништување на опремата за следење на комуникации, иако според пописот за 2014 година во УБК и МВР, не била утврдена потреба од такво нешто.
  • 11 март 2015 – Врз основа на известувањата кои ги добил, првоосомничениот (Горан Грујовски) до Одделот за координација при Управата доставил предлог за формирање Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и од листата на задолжување заради техничка застареност и нефункционалност на системите. За членови на комисијата предложил лица кои ракуваат со опремата која треба да се попишува, спротивно на член 8 став 2 од упатството за вршење на попис во МВР.
  • 16 март 2015 – Второосомничениот како началник на одделот за координација при УБК до Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси во МВР изготвил и доставил предлог за формирање на комисијата за попис без прецизно да наведе и формулира што точно е задачата на комисијата и без да појасни дали барањето за формирање на комисија се однесува на конкретни системи и опрема или пак треба да се направи попис и да се уништат сите системи, средства и опрема во УБК. Од Секторот за правни работи иако укажале дека има недостатоците во предлогот второосомничениот не направил дополнување и појаснување за да го прикрие фактот дека предмет на уништување се системите за следење на комуникации .
  •  23 март 2015 – Поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, (третоосомничена во „Тврдина“) ја формирала  Комисија  без да ги има предвид одредбите од законските и подзаконските акти кои го регулираат начинот на постапување со класифицирани информации, без да има конкретен законски основ за формирање на комисија за ништење на средства и опрема, без да постои барање од сите организациони единици во Управата за безбедност и контраразузнавање согласно Упатството за вршење попис и без да изврши проверка дали предложените членови на Комисијата смеат да го вршат пописот и уништувањето на опремата.
  •  26 март 2015 – Комисијата почнала со пописот на системите и техничката опрема, но, само во Одделот за оперативно техничка поддршка на операции (Петта управа).
  •  27 март 2015 – Операторите со системот за следење на комуникации го исклучиле системот за следење на комуникации кој тогаш бил во употреба.
  • 28 март 2015 – Почнало товарењето на системите и опремата, меѓу нив и двата системи за следење на комуникации, кои  со камиони на МВР биле однесени во фирма, односно отпад за старо железо, каде покрај лица од фирмата и од комисијата, присуствувале и Грујовски, второосомничениот и четвртоосомничениот. Тој го организирал превозот на опремата и му дал налог на друго лице да го фотографира и снима уништувањето. Опремата била ставена под преса и уништена, а остатоците потоа биле балирани и оставени во отпадот, кој оттогаш до 3 април бил набљудуван од припадници на УБК, чиј идентитет засега е непознат.
  • 3 април 2015 – По налог на Грујовски дел од членовите на комисијата, отишле до отпадот, ги натоварале балираните остатоци од опремата и ги однеле на друг отпад, каде веќе уништените материјали повторно ги ставиле во дробилица за уништување.

За уништувањето на опремата комисијата направила записник, но досега истрагата на СЈО не пронашла докази дека тој извештај бил доставен до директорот на УБК и до министерот за внатрешни работи.

Фотографиите и видео-снимките од уништувањето на опремата, кои биле на ДВД, четвртоосомничениот ги уништил за да ги прикрие трагите.

  • 28 мај 2015 – Второосомничениот до секторот за финансиски прашања на МВР доставил допис за бришење на уништената опрема од листите на задолжување на УБК.

Од втората половина на 2015 година до средината на март оваа година осомничените продолжиле со криминалните активности за кои ги товари СЈО, овојпат со фалсификување на документацијата во МВР, за да го прикријат незаконското уништување на опремата.

Грујовски во овој период дал налог до началниците во УБК да направат известувања дека имало потреба од уништување на опремата и ја наговорил петтоосомничената во случајот, задолжена за документацијата во УБК,  известувањата да ги заведе во службените книги како да се изготвени во 2014 година, иако тие биле направени во 2015 и 2016 година.

Првоосомничениот во меѓувреме направил нов допис со лажни податоци, кои требало да покажат дека уништувањето на системите за прислушување било предвидено и датира порано од март 2015 година.

Овој документ, направен меѓу втората половина на 2015 и месец март, оваа година, петтосомничената го завела на крајот на деловодната книга за 2014 година, фалсификувајќи го датумот на дописот и архивскиот број.

  • 8 март 2016 – Четвртоосомничениот (во својство на заменик на Грујовски) фалсификуваните документи ги презентирал на состанок во УБК меѓу претставници на Управата и претставници на Специјалното јавно обвинителство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...