fbpx

Предметите за изборните нерегуларности, први на списокот на тимот на Јанева

-

Првите предмети за кои Специјалното јавно обвинителство утврди дека се под негова надлежност и за кои ќе биде почната предистражна постапка се тие за изборните нерегуларности, соопшти на прес-конференција портпаролката на Катица Јанева, обвинителката Ленче Ристовска.

Како што соопшти Ристовска, изминатиот период покрај разгледувањето биле правени и анализи на статистичките податоци за предметите од Јавното обвинителство, како и анализи на јавно објавените материјали од незаконското следење на комуникациите.

– Овие анализи покажаа основано сомневање дека се работи за предмети што се во надлежност на ова јавно обвинителство, што се потврди од увидот во списите на предметите. Во овој момент би сакале да појасниме дека единствено надлежни за постапување по предмети поврзани со изборните нерегуларности за изминатиот период, а кои се поврзани и произлегуваат од незаконски следените комуникации, сме токму ние, односно Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во оваа насока, ја известуваме јавноста дека до сите државни органи и иматели на докази ќе бидат доставени барања за доставување докази поврзани со изборните нерегуларности – изјави јавната обвинителка Ленче Ристовска.

Од основните јавни обвинителства од Битола и од Скопје доставени се предметите кои се барани, меѓу кои предметот „Пуч“.

– Воедно доставен е и предметот во јавноста познат како „Пуч“. Постапувајќи во согласност со Законот за кривична постапка, ги примивме сите доставени предмети, иако мора да укажеме дека таквото постапување на овие обвинителства е надвор од доставеното барање и со него се нарушува динамиката и планот на работа на ова јавно обвинителство – додаде Ристовска.

Предметот од Основното јавно обвинителство Куманово сè уште не е доставен до специјалното обвинителство, но Ристовска истакна дека немаат увид кога обвинителството во Куманово го примило нивното барање бидејќи станува збор за поштенска пратка и дека сè уште не е истечен рокот за постапување по него.

На новинарско прашање кои лица се опфатени во предметите за изборните нерегуларности, Ристовска рече дека во моментот за нив тоа не е најважно, туку фактот дека постапуваат по овие предмети.

– Она што во овој момнет е значајно за нас е дека постапуваме по предметите за изборните нерегуларнсоти. Против кои лица точно, за нас е ирелевантно. Она што е наше начело, наша мисија, е дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и пред законите и без оглед кој и да е тангиран во тие постапки, стоиме на тоа дека никој не може да биде над законот и секој мора да одговара за своите дејства. Се работи за предистражни постапки кои се тајни, сите податоци во овој момент во интерес на тие постапки би ги оставиле за некоја наредна фаза, кога ќе можеме да соопштиме поподробни детали – рече Ристовска.

За предметите кои јавното обвинителство денеска ѝ ги достави на Катица Јанева, обвинителката Ристовска рече дека деновиве тие ќе бидат анализирани и дека специјалното обвинителство во рок од осум дена ќе одговори дали тие се под нивна надлежност и што со нив.

– Законот ни дава рок од осум дена, кој со оглед на слабата екипираност на обвинителството малку нè притиска. Сепак, ја уверуваме јавноста дека во тој рок ќе донесеме решение за надлежноста, а потоа ќе можеме да ви дадеме одговор кои конкретни постапки или дејства ќе се преземат по тие предмети – рече Ристовска.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...