fbpx

Предизборни анкети смеат да се објавуваат до 6 декември

-

Анкетите што покажуваат во која насока се движи јавното мислење во предизборниот период и колкав е рејтингот на политичките партии, според Изборниот законик, смеат да се објавуваат најдоцна пет дена пред денот на изборите, односно до 6 декември.

Резултатите од испитувањата на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите, пак, не смеат да се објавуваат пред 19 часот, односно пред затворањето на избирачките места.

При објавување на резултатите, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот што го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето.

Последната анкета,  објавена пред два дена, која ја спроведе агенцијата „Рејтинг“, по нарачка на „24 Вести“ покажа до сега најмала разлика помеѓу двете најголеми политички партии од македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ односно само 1,4 отсто предност за владејачката партија. Според истражувањето, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 29,9 отсто од испитаниците, за СДСМ 28,5 отсто, за ДУИ 6,8 отсто, а за ДПА 2,8 проценти.

Пред анекатата на „Рејтинг“, на 25 ноември, со свои истражувања на јавното мислење излегоа и „Брима Галуп“, по нарачка на неделникот „Република“, а потоа и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и МЦМС во соработка со телевизија „Телма“.

Иако објавени во ист ден, овие анкети имаа далеку поразлични резултати. Според анкетата на „Брима Галуп“, разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е 9,1 отсто, а според анкетата на Институт за демократија „Социетас цивилис“ разликата е 4,8 отсто.

Истражувањето на „Брима Галуп“ покажа дека доколку следната недела се одржат избори, 25,8 отсто од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, за СДСМ би се изјасниле 16,7 отсто, за ДУИ би гласале 6,5 отсто, за ДПА – 3 отсто, за Беса – 3,2 отсто, неодлучни би биле 14 отсто, а без одговор би биле 11,5 отсто од испитаниците.

Резултатите на анкетата на Институт за демократија „Социетас цивилис“, од друга страна, покажуваа дека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 23,7 отсто од гласачите, за СДСМ – 18,9 отсто, за ДУИ – 6,2 отсто, за ДПА – 3,3 отсто, за Беса – 1,2 отсто, додека за други партии би гласале 4,9 отсто.

Разликата во рејтинзите меѓу двете најголеми македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, е 4,2 отсто во прилог на владејачката партија, покажаа резултатите од последната анкета на агенцијата „Фактор плус Адриа“, објавена на 27 октомври.

На 15 октомври, анкета спроведе и институтот „Димитрија Чуповски“, чии резултати покажаа дека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,6 отсто од граѓаните, за СДСМ 16,1 отсто, за ДУИ 6,3 отсто, а за ДПА 2,9 отсто од граѓаните. За одговорот „ниту една партија“ се одлучиле 22 отсто од испитаниците, а „не знам“ одговориле 17,4 отсто.

Меѓународниот републикански институт (ИРИ), кој прави неколку истражувања на јавното мислење во текот на годината на повеќе теми, најави дека нема да прави предизборна анкета за рејтингот на политичките партии во Македонија.

Анкетите на ИРИ важат за едни од најточните и најрелевантните кога станува збор за рејтингот на политичките партии и за рејтингот што го имаат нивните лидери.

Според последната анкета на ИРИ, која беше објавена на 9 јуни, 27 отсто од испитаниците се изјаснале дека би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 18 отсто за СДСМ, 23 биле без одговор, за ДУИ се одлучиле 6 отсто, за ДПА – 3 отсто, а ливчето би го поништиле 9 отсто од анкетираните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...