fbpx

Пратениците на СДСМ и официјално заведени „во оставка“

-

Од денеска пратениците на СДСМ и официјално во Собранието се водат како „пратеници во оставка“, а не како пратеници на кои треба да им се одземе мандатот.

Во извештајот „Мој пратеник“, кој ја покажува работата на пратениците од мај до декември 2014 година,  пратениците на опозицијата се заведени како „пратеници во оставка“.

На почетокот на декември минатата година, пратениците кои се членови на Собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, одлучија да му достават на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, извештај во кој се предлага да им се одземат мандатите на опозициските пратеници затоа што не учествувале во работата на Собранието ниту, пак, го известиле претседателот дека оправдано ќе отсуствуваат од работата на законодавниот дом. Тогаш, пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратениците од опозицијата воопшто не се грижеле за обврските, а правата што им следуваат од мандатот, многу добро ги користеле.

– Ако навистина сакаа да поднесат оставки, можеа да дојдат на првата седница лично, никој не може да ги спречи, да си побараат збор и да излезат на говорница и да кажат, јас, тој и тој, поднесувам оставка и да си заминат – рече Илиоски на комисијата на која се расправаше за отсуствата на опозициските пратеници.

Кога опозициските пратеници си поднесоа оставки, Собранието не им ги признаваше, велејќи дека не ги испочитувале процедурите и затоа закажаа седница на која треба да се гласа за да им ги одземат мандатите. Поради непризнавањето на оставките, голем дел од пратениците на СДСМ ги изгубија своите претходни работни места бидејќи се водат како вработени во Собранието.

Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ, вели дека нема никаков коментар на она што се случува во Собранието.

– Ние си поднесовме оставки и остануваме на тој став, а Собранието можеше да ни ги констатира оставките уште на наредната седница, а не да прават вакви ситуации – вели Шилегов.

Според професорката Мирјана Најчевска, категорија „пратеници во оставка“  не постои, ниту според Уставот, ниту според законите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...