Пратениците ќе го разгледуваат договорот со Грција, пред Собранието најавени протести


       
Скопје, 19 јуни, 2018 - 9:38 (META) 

Договорот за името кој го постигнаа Македонија и Грција во неделата, од денеска се сели во Собранието. Предлог-законот за ратификација на Договорот што го усвои вчера владата со европско знаменце е на дневен ред на денешната 51. собраниска седница закажана во 11 часот.

Претседателот на Парламентот, Талат Џафери ја закажа седницата по вчерашната средба со координаторите на пратеничките групи и очекува договорот да биде ратификуван до петок.

Европското знаменце овозможи за предлог-законот да се дебатира на собраниска Комисија за европски прашања со која претседава Артан Груби од ДУИ, а не на Комисијата за надворешна политика, која ја води Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и која е матична комисија за ратификување билатерални и меѓународни договори.

Според Деловникот пратениците денеска треба да ја изгласаат потребата за донесување на предлог-законот за ратификација, по што следува дебата во Комисијата.

За предлог-законот да помине во Собранието е потребно просто мнозинство, односно да присуствуваат 61 пратеник од кои најмалку 40 да гласаат „за“.

Според процедурата, после ратификацијата, договорот ќе биде испратен кај претседателот Ѓорѓе Иванов кој во рок од седум дена треба да го потпише. Доколку претседателот го користи суспензивното вето, Законот пак се враќа во Собранието за ратификација. Ако при повторена процедура Законот биде изгласан со најмалку 61 гласа, Иванов е должен да го потпише. Но, Иванов претходно се изјасни дека ниту го прифаќа, ниту планира да го потпише Договорот.

Додека внатре пратениците го разгледуваат договорот за решение на спорот со името помеѓу Македонија и Грција пред Собранието во 11 часот најавени се нови протести против постигнатиот договор.