Пратениците експресно на прво читање ги поминаа Законите за помилување и заштита на приватноста, заштита на лични податоци, измените во Изборниот законик како и Законите за управните спорови и за општата управна постапка.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски со по една реченица ги образложи законите и рече дека сите се кратки и затоа треба да се донесат по скратена постапка.
Законите сега ќе се разгледуваат од страна на матичните комиси, а во 17 часот повторно ќе се најдат пред пратениците на пленарна седница.
Пред почетокот на седницата во изјава за новинарите пратеникот Имер Алиу од ДПА рече дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се најголемите креатори на кризата во Македонија.
– Причинителите на политичката криза, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, продолжуваат со еднострани активности за темите кои беа дел од преговорите за кои требаше да се постигне консензус меѓу четирите политички партии со посредство на САД и ЕУ. Овој пристап за ДПА и за Албанците е неприфатлив – рече Алиу.
На денешната седница не присуствуваа пратениците на СДСМ.