!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Прајваси интернешенл“ и „Метаморфозис“ повикуваат на заштита од незаконско прислушување


       
Скопје, 11 август, 2017 - 15:57 (META) 

Добротворната организација со седиште во Лондон, „Прајваси интернешенл“ и Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ денеска до властите во Македонија испратија писмо во кое бараат информации во врска со следењето на комуникациите од страна на надлежните владини институции и гаранции за заштита на приватноста од страна на државните институции.

Од „Метаморфозис“ потсетуваат дека Македонија повеќе од две години беше во продолжена и длабока политичка криза, која, покрај другото, ја одбележаа и објавените информации дека претходната владејачка гарнитура незаконски ги прислушувала телефонските разговори на околу 20.000 луѓе, меѓу кои и активисти, новинари, судии, дипломати, лидери на опозицијата, па дури и членови на самата влада.

Двете организации ја фокусирале анализата на прашањето како „директниот пристап“ до телекомуникациските мрежи од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање, олеснет од телекомуникациските оператори и надзорни компании, довел до незаконското прислушување.

„’Директниот пристап’ е подложен на злоупотреба. Општо, тој опишува ситуации во кои агенциите за безбедност се директно поврзани со телекомуникациските мрежи за да добиваат дигитални содржини и податоци за комуникациите, често без претходно известување или судско овластување и без инволвирање и знаење на мрежниот оператор“, се вели во писмото.

Таму се нагласува дека во својата работна програма за периодот 2017-2020, новата влада јасно се заложила дека ќе воведе механизми за подобрување на внатрешната и на надворешната контрола над работата на полицијата и на сервисите за безбедност и за заштита од своеволен надзор.

„Прајваси интернешенл“ и „Метаморфозис“ ги повикуваат властите да одговорат дали ќе ги спроведат реформите и дали ќе воведат итни заштитни мерки за незаконско следење на комуникациите.

Писмото е испратено до премиерот Зоран Заев, Народниот правобранител и Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање. Копија од писмото е испратена до Делегацијата на Европската Унија и до Генералниот директорат за соседство и за преговори за проширување на Европската комисија.