Пожарот беснее над Охрид, каде се „канадерите“?


       
Охрид, 20 јули, 2015 - 16:07 (META) 

Силен пожар беснее попладнево над Охрид, во подножјето на планината Петрино, во област со далноводи и со преносни предаватели на мобилни оператори.

Пожарот брзо се шири во правец од исток кон запад и има зафатено нискостаблести дрва, пред сè, смрека, како и борова шума. Огнената линија е широка до два километри.

Ако не биде брзо локализиран, што е тешко доколку не се вклучат двата авиони „канадер“ (поточно станува збор за авиони од шпанската марка „Ер трактор“) на Агенцијата за безбедност и спасување, реална е опасноста огнената стихија да стигне до станбени и до стопански објекти, под селото Велестово.

Во случај огнената линија да го проимени правецот, ќе се најдат на удар првите куќи под селото Рамне.

Засега нема најави за ангажирање на „канадерите“ на Агенцијата за безбедност и спасување.

Според процедурата, до нив треба да стигне писмено барање од Агенцијата.

Како што објави весникот „Вест“, двата авиони се испратени на редовен сервис во Шпанија, прашувајќи зошто за тоа е одбран токму овој период кога ризикот од шумски пожари е најголем.

Пред 10 дена, Дирекцијата за заштита и спасување испрати објаснување до “Вест” во кое се се вели дека “Согласно анализите и досегашното искуство шумските пожари најчесто се случуваат во месеците август и септември…“

Надлежните служби веќе информираа дека двата пожари се над 110-киловолтната трафостаница.

Истовремено, делови од Охрид краток период останаа без електрична енергија, а во делови од населбата Рача на источното крајбрежје сè уште нема струја.

Во моментов неколку помали екипи на професионалната противпожарна единица Охрид, како и една екипа на НП „Галичица“ се на местото на настанот и се обидуваат да го локализираат пожарот, но само со прирачни средства.

Теренот е недостапен за противпожарни возила.

Засега не се знаат причините за пожарот.