Голем шумски пожар изби денеска попладне кај трговскиот центар „Делта“, во главниот град на Црна Гора, Подгорица, а пожарникарите се обидуваа да ги заштитат куќите од огнот, чии пламења достигнуваа и до неколку десетици метри во височина.
Набргу голем пожар се прошири и кај Тутунскиот комбинат, а огнот се закануваше да зафати неколку куќи.
Ситуацијата е критична и многу граѓани се вклучуваат да помогнат. Покрај овој пожар, голем пожар има и на вегетацијата во Мареза каде огнот го гаснат три екипи. Влезот во Подгорица од правец на Никшиќ е блокиран, па полицијата ги враќа возилата назад преку Мареза.
Пожар има и во селата Црнци и Лопате. И на овие места загрозени се голем број домаќинства, а четири противпожарни екипи се справуваат со пламените јазици.
Во исто време, пожар гори и кај Суто Море, на јадранскиот брег, како и кај поранешната престолнина Цетиње и кај Даниловград.